Македонија и Грција на 19 јануари во Хаг
Македонија е во очекување каков ќе биде настапот на Грција во Хаг, рече Милошоски
Тамара Грнчароска
Првата средба меѓу Македонија и Грција пред Меѓународниот суд за правда во Хаг закажана за 19 јануари од претседателката на судот, Розалин Хигинс, ќе биде процедурална. „Од наша страна сме подготвени и со аргументи и со сериозен пристап и ќе имаме коректен однос без намера да го одолжуваме овој процес“, изјави вчера министерот Антонио Милошоски. Тужбата што ја поднесе Македонија против Грција пред судот е поради прекршување на билатералната Привремена спогодба од 1995 година.
Како што рече Милошоски вчера, пред одржувањето на свеченоста по повод 15 години воспоставување дипломатски односи на земјава, во Домот на Армијата во Скопје, на која присуствуваше целиот дипломатски кор во земјава, поранешни македонски министри за надворешни работи, македонски амбасадори и други високи личности, Македонија е во очекување на тоа каков ќе биде настапот на Грција во Хаг. Тој смета дека во периодот блиску до формалната средба, и доколку нема официјални приговори од другата страна, што во моментов не е случај, може од судот да се очекува и официјално да се произнесе за надлеженоста, која е јасно напишана во Привремената спогодба.
На средбата во Хаг на 19 јануари ќе се разговара за процедурални прашања кои ќе треба да го одредат натамошниот тек на процесот. Македонски застапник за тужбата е шефот на дипломатијата, Антонио Милошоски, а козастапник амбасадорот Никола Димитров. Ад хок судија на Македонија во Судот во Хаг е хрватскиот професор по меѓународно право Будислав Вукас.
Застапници на Грција се грчкиот амбасадор во Холандија Констатинос Ралис, амбасадорот Јоргос Савадис и советничката од грчкото МНР Марија Телалиан. Грчки ад хок судија е професорот по меѓународно право од Атинскиот универзитет Емануел Рукунас.
На прашањата за почитувањето на п��авата на македонското малцинство во соседните земји и грижата на нашата земја за нив, Милошоски рече дека „малцинските и човековите права не се права кои е однесуваат само на една држава, тоа се универзални права на кои се темели современиот меѓународен поредок и треба да бидат почитувани од сите еднакво“.
За визната либерализација тој смета дека ова година се очекува Македонија да го добие соодветниот третман во поглед на визната либерализација од ЕУ. „Ние сме најнапаредната земја во регионот во овој процес и сметаме дека 2009 година ќе биде успешна за нас, бидејќи либерализацијата не е само од полза за нас туку и за самата Унија, за европеизација на општеството во целина“, рече Милошоски.
Коментирајќи ја изјавата на грчката шефица на дипломатијата Дора Бакојани дека Македонија има територијални претензии кон Грција, Милошоски реше дека нашата земја е единствена земја во регионот која во својот Устав категорично го има наведено почитувањето на територијалниот интегритет и границите на сите соседни држави. Тој ја окарактеризира изјавата на Бакојани како изјава за „внатрешнополитички употреби“ на Грција. |