Се заокружува истрагата за смртта на Танески
Според британски „Ескваер“ Танески имал невиден пристап до полициската истрага и изострено око за деталите
Даниела Трпчевска
Истрагата околу смртта на кичевскиот новинар Владо Танески полека се заокружува. Веќе во наредните денови тетовското Обвинителство се очекува да ги добие и последните изјави и документи со кои ќе ги докомплетира досегашните сознанија.
„Го чекаме предметот од гостиварскиот суд, кој неодамна го затвори случајот поради смртта на новинарот. Во наредните неколку дена ќе биде повикан првиот човек на Институтот за судска медицина, Алексеј Дума, за да ни ги презентира своите сознанија“, велат од тетовското Обвинителство. Дума ќе треба да ги изнесе пред јавниот обвинител резултатите од обдукцијата на Танески, како и дополнителните анализи за совпаѓањето на неговата ДНК со биолошкиот материјал пронајден кај жртвите.
Во изминатите неколку месеци, како што дознаваме, во Јавното обвинителство во Тетово на разговор биле повикани повеќе лица кои би можеле да имаат некакви сознанија за случајот. Распрашани биле и членови на семејството на Танески, негови пријатели и соработници. Најголем дел од истрагата, сепак, се фокусирал на притворската ќелија во тетовскиот затвор, каде што Танески беше пронајден мртов во кофа со вода. Според неофицијалните сознанија, сослушани биле тројцата притвореници од ќелијата во која бил сместен Танески, но тие останале на првичните тврдења дека ништо не виделе и не чуле.
Иако истрагата во меѓувреме водела во различни правци, сепак, таа повторно се враќа кон ќелијата, од каде што и започна. Притоа, надлежните не ги анализираат само околностите во кои се случила смртта на Танески, кој официјално беше осомничен за убиство на една кичевка, туку случајот го разгледуваат и пошироко, земајќи предвид што се случувало и пред Танески да биде донесен во притвор.
Тоа што новинарот пишувал за грозоморни убиства бил осомничен за нив и сега повеќе го нема е еден од најважните моменти околу кои се врти целата истрага за случајот, велат нашите извори од тетовското Обвинителство. Оттаму доаѓа и најавата дека наскоро ќе бидат обелоденети сите сознанија со кои располагаат, со цел да се запознае јавноста која покажува огромен интерес за случајот „Танески“.
За полицијата овој случај е чист и истрагата е затворена. „Сега се' е во рацете на судот“, велат надлежните во кичевската полиција, одбивајќи да коментираат нешто повеќе околу овој случај. Тие ги демантираат и ги отфрлаат како невистинити информациите што проструија во јавноста дека кичевската полиција води истрага и го бара соучесникот во убиствата на кичевските пензионерки.
И додека во земјава владее молк за мистериозната смрт на кичевскиот новинар, странските медиуми не стивнуваат со своите извештаи. Угледниот британски магазин „Ескваер“ во своето јануарско издание подготви обемна приказна за случајот што го шокираше светот.
„Сите знаат дека тој беше убиен во ќелијата. Полесно ќе се испиела водата во кофата отколку некој да се удави во неа. Но, прашање е дали некој ќе може да го докаже тоа или да го фати оној што го удавил. Рибите можат да се видат само доколку е бистра водата. Но, тука во Македонија, водата не е чиста“, пишува угледниот „Ескваер“, пренесувајќи изјава на кичевец, со кого новинарот разговарал за време на неколкунеделниот престој во земјава.
Според новинарот Филип Ватсон, Танески имал невиден пристап до полициската истрага, но и изострено око за деталите. „Тој прв сугерирал дека убиствата биле извршени од ист човек“, пишува Ватсон, сугерирајќи дека токму овие написи го ставиле Танески во фокусот на вниманието. „Неговите извештаи не само што биле читани од граѓаните, туку и од страна на полицијата“, објавува магазинот.
Правејќи осврт од моментот на приведувањето на Танески, одлуката да му се одреди мерката притвор поради совпаѓањето на ДНК-анализите со биолошкиот материјал пронајден кај една од жртвите, па се' до неговата смрт во тетовскиот затвор, новинарот пишува дека оваа невообичаена приказна неколкупати доживеала шокирачки пресврт. Британскиот новинар во анализата изразува чудење како е возможно Танески да си го одземе животот во кофа со вода, но и објаснува дека ваков пропуст не може да се случи во британските затвори. |