ЕДИТОРИЈАЛ
Брзи прсти во Собранието
Оливера Војновска
Македонскиот парламент неделава само на една седница со невидена леснотија усвои 17 закони, меѓу кои три двотретински, а пред еден од нив стоеше и европското знаменце. Заседанието, вклучувајќи ја и верификацијата на мандатите на деветмина пратеници, траеше помалку од два часа. Законите пак, буквално протрчаа за еден час. Пратениците, практично, на секои три минути усвојуваа по еден закон! Така, слободно може да се прогласат за шампиони во носење закони.
Новото Собрание за три работни седници, главно без никаква расправа, донесе 66 закони (12 се европски) и сите по итна постапка. На ваквиот подвиг особено се горди тазе коалициските партнери: ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, бидејќи нивниот „тандем од соништата“, како што самите го нарекуваат, функционира перфектно. Не го кријат задоволството што лесно поминуваат сите закони и на новинарите им се фалат дека со право гласале за распуштање на „кочничарскиот“ парламент!
Мандатарот Никола Груевски сакаше и доби ефикасен парламент. Само тоа не значи дека „брзото Собрание“ ќе донесе и квалитетни решенија. Квалитетот на законите нема апсолутно никаква врска со брзината на процедурата во парламентот.
Може да се има разбирање за деликатниот моментот во кој се наоѓа државата, за тоа дека има малку време да се сработат обврските и дека одлуките треба да се носат побрзо од вообичаеното темпо. Сепак, ваквата претерана конструктивност на парламентот не смее да стане практика и законодавниот дом целосно да се претвори во гласачка машина и да штанца лоши закони. Па, веројатно, сакајќи да се испрати добра порака во Брисел, на ваков начин ќе се испрати најлошата: дека е суспендирана дебатата во Собранието. Тоа пратениците не смеат да го дозволат. ��прочем, спикерот Трајко Велјановски кога седна на спикерската фотелја самиот вети дека неговата најважна заложба ќе биде „да се врати дигнитетот на парламентот“.
Во нашата парламентарна демократија ваквото експресно гласање закони не е ништо ново. Напротив, добро позната ситуација во која Собранието во изминатите 17 години се нашло многу пати досега - како заложник на извршната власт и на партиските барикади. Долгогодишното новинарско искуство кажува дека пратениците, за жал, немаат некакво значајно влијание врз содржината на законите. Партиите се длабоко вкопани во сопствените ровови и независно која гарнитура е на власт, ретко се случува да се прифатат сугестиите на пратеници, особено ако тие се од опозицијата.
Во конкретниот случај со овој парламентарен состав, нештата дополнително ги комплицира тоа што опозицијата тешко се созема од изборниот пораз. Тоа што се само 27 пратеници не смее да ги фрустрира и тотално да ги демотивира да поведат аргументирана дебата во парламентот. Тие, исто така, добија мандат од граѓаните и треба да го дадат максимумот од себе. Проблемот, секако дополнително се усложнува со отсуството на ДПА од пратеничките клупи. Партијата на Мендух Тачи ќе мора што е можно поскоро да се врати во Собранието и политичката битка да ја води тука во собраниската сала.
Крајно време е парламентот да направи конкретни чекори за да ја одбрани позицијата што му е дадена со Уставот. Не смее да продолжи традицијата Собранието да се исклучува од креирањето значајни одлуки. Ниту, пак, некој арогантно да го става законодавниот дом во понижувачка позиција, а пратениците во улога на статисти. Владејачката коалиција има огромно мнозинство - двотретинско и Бадинтерово, може комотно да се однесува и да ги турка зацртаните проекти. Меѓутоа, пожелно е барем понекогаш да се слушне и респектира ставот на опозиционерите. |