Бошкоски го чека Груевски на избори
По првиот конгрес, ОМ се подготвува за самостоен изборен настап
Остри пораки кон ВМРО-ДПМНЕ испрати лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, од првиот конгрес на неговата партија што се одржа викендов во Струмица. Но, во Домот на културата „Антон Панов“ немаше претставник на владејачката партија за директно да ги слушне зборовите на поранешниот хашки притвореник, некогашен функционер и миленик на вмровското членство.
На конгресот немаше ниту претставник од ВМРО-НП, партијата која уште во 2004 година се отцепи од ВМРО-ДПМНЕ, а во 2009 година ја поддржа кандидатурата на Бошкоски за шеф на државата. Затоа, пак, меѓу гостите беа потпретседателот на СДСМ и градоначалник на Струмица, Зоран Заев, и Илијаз Халими, потпретседател на ДПА, која до пред две години важеше за традиционален партнер на ВМРО-ДПМНЕ.
Зошто Бошкоски ја избра токму Струмица за првиот конгрес на партијата што ја формираше по ланските претседателски избори, кога успеа да откине солиден број гласови од контото на ВМРО-ДПМНЕ? Филип Петровски, потпретседател на ОМ, вели дека изборот паднал на Струмица за да се мотивираат тамошните симпатизери, бидејќи партијата стоела послабо во таа општина. Сепак, Петровски првично се залагал конгресот да се одржи во Охрид - градот што ВМРО-ДПМНЕ го третира како свое упориште.
„Мојата замисла беше токму во Охрид да прогласиме континуитет со историското ВМРО од 1893, но и со ВМРО од 1990 година, наспроти политиката на дисконтинуитет што од 2003 година ја води актуелното раководство на ДПМНЕ“, објаснува Петровски.
Околу 550 делегати на конгресот го легитимираа Бошкоски како лидер на ОМ, по што низ процедура на избор или реизбор ќе поминат сите органи на партијата. ОМ уште еднаш се декларира како опозициска партија, чиј главен противник во политичката арена е владејачката ВМРО-ДПМНЕ, чија политика, како што вели Петровски, треба да се демаскира. Сепак, според нашиот соговорник, конфронтирањето на ОМ со ВМРО-ДПМНЕ нема врска со шпекулациите за соработка меѓу ОМ и СДСМ, што, главно, доаѓаат од владејачкиот табор.
„Нормално е тие што се плашат од нас да излегуваат со такви обвинувања. Но, јас категорично тврдам дека нема, ниту ќе има коалиција меѓу ОМ и СДСМ. И тоа од проста причина: социјалдемократите претендираат на друг дел од политичкиот простор и имаат различна идеологија од нашата. Тие се левичари, а ние претендираме да ги придобиеме граѓаните што се понаклонети кон политичките десница и кон центарот“, вели Петровски.
Иако неодамна се заложи за обединување на десницата контра сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со премиерот Никола Груевски, Петровски сега вели дека е речиси сигурно дека ОМ самостојно ќе настапи на наредните парламентарни избори, сеедно кога ќе се одржат. Според него, расте незадоволството меѓу членството на ВМРО-ДПМНЕ, а на ОМ и' расте рејтингот, така што партијата е подготвена сама да си ги измери силите на политичкиот терен.
Сепак, Петровски се согласува дека ВМРО-ДПМНЕ има најголема корист од несогласувањата меѓу ОМ и ВМРО-НП. „Мојата иницијатива беше злоупотребена од ВМРО-НП и директно нападната од претседателот на таа партија. По таква реакција, нормално е и кај мене да се јави сомнежот за непринципиелна соработка меѓу НП и ДПМНЕ. Па, вер��јатно, не случајно сите пулени на Љупчо Георгиевски се сместени во власта“, вели тој.
Георгиевски, пак, во едно неодамнешно интервју посочи дека непотребно се создава фама дека ВМРО-НП не сака да прави коалиција со ОМ, затоа што таков бил договорот со Груевски. „Оние што бегаат од НП и го злоупотребуваат односот со НП, се ОМ. Континуирано, откако е вратен Љубе, им се нуди соработка, а тие не прифаќаат. Тешко дека би се здружиле како обединета десница, оти некои односи наместо да се затоплуваат, повеќе се заладија“, оцени поранешниот премиер. (А.М.М) |