Медицински стипендии за Роми
Вкупно 30 студенти Роми на медицинските факултети, високи школи, средни училишта, како и лекари Роми на постдипломски студии ќе бидат поддржани во првата година од имплементацијата на Програмата за медицински стипендии за Роми, која овозможува поддршка во професионалниот развој и достапност до медицинско образование за младите Роми.
Програмата цели кон креирање експерти Роми во областа на здравството што ќе придонесуваат во развивањето на здравствените политики и, воопшто, во процесот на социјално вклучување на Ромите, со што ќе се зголеми и достапноста до здравствените услуги за нив. Предвидено е преку информативни сесии да се одржат промоции во сите средни медицински училишта и медицински факултети во Македонија. Истовремено, со цел подобро да се информира целата ромска популација во Македонија, предвидено е и одржување средби со ромските заедници во Скопје, Прилеп, Тетово и во Куманово. Крајниот рок за аплицирање за стипендиите е 30 мај. Средствата се обезбедени од Ромскиот едукативен фонд и Програмата за ромско здравје на Институтот отворено општество. (Д.Р.) |