Силувана 18-годишна девојка од тетовско Боговиње
Немилиот настан се случил во дворот на напуштениот конфекциски погон на „Тетекс“
Тројца од осомничените се товарат за силување, а други тројца за помагање
ТЕТОВО - На полноќ меѓу петокот и саботата двајца млади жители од Боговиње силувале своја сосетка на 18-годишна возраст. Лекарите во тетовската Клиничка болница констатирале дека девојката имала сексуален однос, а биле забележани и модринки по телото.
Движејќи се кон својата куќа и во очекување на своето момче, девојката била пресретната од двајца свои соседи кои се понудиле да ја испратат до дома. Во меѓувреме, повикале свои другари со возило „голф“. Се појавило и момчето на девојката на кое групата му се заканувала и го навредувала, поради што тоа заминало. Седумтемина на возраст од 18 до 23 години, наместо во Боговиње, со возилото ја однеле кон Пирок. Застанале во дворот кај одамна напуштениот конфекциски погон на „Тетекс“ во ова село, каде што била силувана. По второто силување, девојката се вратила дома и заедно со родителите околу четири часот во саботата го пријавила случајот во СВР-Тетово.
Во текот на вчерашниот и завчерашниот ден случајот доби и првичен епилог. По информативните разговори во тетовската полиција, уследија и кривични пријави. Тројца од учесниците се осомничени за кривично дело силување, од кои еден и за помагање, а на уште тројца им се поднесени кривични пријави за кривично дело помагање во извршување кривично дело. Вчера истражен судија при Основниот суд во Тетово за шест лица инволвирани во случајот изрече мерка притвор во траење од по 30 дена. Сите шестмина веќе се наоѓаат во тетовскиот затвор.
Според полицијата, осомничени се лицата Ф.И. (18), М.А. (23), Ј.Ф. (17), Г.Е. (18), С.Ф. (20) и М.Б. (18), инаку сите жители на тетовското село Боговиње. (Г.Е.) |