Седуммина маскирани малтретирале осмоодделенец
Седуммина вооружени и маскирани лица во петокот претпладне физички малтретирале осмоодделенец во тоалет на Основното училиште „Наим Фрашери“ во Куманово, соопшти СВР-Куманово. Насилниците, по чиј идентитет полицијата се' уште трага, му пришле на момчето од зад грб, го фатиле за врат, а потоа му ги врзале очите и на албански јазик му се заканиле со пиштол и со нож, притоа наредувајќи му да ги испружи рацете. По бруталното изживување врз ученикот, напаѓачите избегале во непознат правец и исплашеното дете втрчало во спортската сала во училишниот двор и му се пожалило на наставникот по физичко, кој за случајот ја известил полицијата. По укажаната лекарска помош биле констатирани гребнатинки по телото и рацете.
Овој немил инцидент предизвика незадоволство и вознемиреност меѓу граѓаните од овој дел на градот.
„Дворот на основните училишта ’Вук Караџиќ‘ и ’Наим Фрашери’ и дење и ноќе е збиралиште на безделници кои особено во вечерните часови се дрогираат и пијат алкохол, а потоа кршат автомобили паркирани на улицата ’Браќа Филиповиќ’. Тепачките се речиси секојдневна појава. Извесно време во училишниот двор редовно дежураше полициска патрола, но полицајците беа повлечени и нередите повторно зачестија“, вели Ротка Максимовска, која живее во непосредна близина на училиштето. (Ст.Б.) |