За случајот „Сопот“ ќе се бараат нови докази
Доколку повторно не се отвори случајот роднините на обвинетите ќе се обратат и до Стразбур
Светлана Унковска
Од денес собраниската Анкетна комисија за заштита на слободата и правата на граѓаните ќе ја верификува Работната група, која ќе биде задолжена да ги собере сите аргументи под кои се водел случајот „Сопот“. Посебната работна група ќе биде составена од еден член од секоја пратеничка група, еден претставник од роднините на обвинетите, потоа заменик-министерот за правда, Ибрахим Ибрахими, помошник-министерот за внатрешни работи, Анета Станчевска, и заменик-народниот правобранител Драги Целески.
Претседателката на собраниската Анкетна комисија, Весна Бендевска, вели дека отворањето на повторна судска постапка за овој случај ќе зависи од тоа што како информации ќе биде прибрано и дали во нив ќе има нови докази потребни за повторно отворање на случајот. За инцидентот со поставената мина на патот во близина на кумановското село Сопот, што се случи пред шест години, а во кој загинаа двајца војници на НАТО од полскиот контингент и еден цивил, беа осудени 11 лица на вкупна казна затвор од 156 години.
Формирањето работна група се чека и од Хелсиншкиот комитет, од каде што веќе се подготвени некои документи. Народниот правобранител, пак, вели дека доколку не дојде до повторен претрес на овој случај, најверојатно следната инстанца на која роднините на обвинетите ќе се обратат ќе биде Судот за човекови права во Стразбур.
„Работната група ќе има ингеренции да ги собере сите материјали без да ја наруши независноста на судството. Договорено е најдоцна до 31 октомври ова тело пред Анкетната комисија да го поднесе целосниот извештај за собраните материјали и аргументи под кои се водел процесот. Од тоа што како информации ќе добиеме ќе зависи и конечниот заклучок на комисијата и нашиот став на кој орган на извршната власт ќе му се обратиме“, вели претседателката на Анкетната комисија, Весна Бендевска.
Хелсиншкиот комитет веќе ги подготвува материјалите што ги има за тоа како бил воден целиот процес со приведувањето на осомничените, меѓу кои и извештајот на Комисијата за преземената акција во Сопот, испратена до тогашниот министер за внатрешни работи, Хари Костов, како и изјавата на мисијата на ОБСЕ, која учествувала во оваа Комисија. Според претседателот на Хелсиншкиот комитет, Исо Руси, главен момент за повторно отворање на процесот се новите докази.
„Се сомневам дека ќе биде земена предвид изјавата на единствениот сведок дека претходно дадениот исказ, со кој се обвинети осомничените, бил даден под притисок и закани“, вели Руси. Тој вели дека тим на Хелсиншкиот комитет работи на прибирањето материјали и клучни документи, кои тие ги имаат и кои ќе им ги приложат на членовите на работната група.
Народниот правобранител Иџет Мемети, кој во времето кога се водеше судскиот процес беше министер за правда, вели дека и тогаш кај него постоело сомневање околу соодветното водење на постапката, односно во почитувањето на принципот на фер и правично судење. Ако се докаже, како што вели, дека се прекршени одредбите на меѓународната Конвенција за заштита од тортура и се нарушени принципите на фер и правично судење, тогаш би можело и Судскиот совет да ја преиспита одлуката на судиите и да дојде до поништување на пресудата.
„Изјавата на сведокот Рамадан Бајрами дека исказот го дал под присила, односно како резултат на мачење и сурово и нехумано постапување, со цел да се изнуди такво признание, би претставувал класичен чин на тортура. Доколку тоа навистина се случило, тогаш целата постапка паѓа во вода и судските одлуки се ништовни“, изјави Мемети, според кого, самите осудени лица можат да бараат повторување на целата постапка. Доколку тоа не се случи, вели тој, следната инстанца на која роднините ќе се обратат ќе биде Судот за човекови права во Стразбур.
За случајот „Сопот“, претседателот на Судскиот совет, Васил Грчев, рече дека не е информиран, а за идејата за формирање посебна работна група на Анкетната комисија гледа како на дел од „политичкото видување на Собранието“. Според него, судот си го кажал своето при донесувањето на одлуката и не би коментирал одлука на законодавната власт. Грчев, меѓутоа, упати и на „вонредни правни средства каде што може да се бара заштита на правата“. |