Владата со мерки, но за цената на лебот нема гаранции
Александрија Стевковска
Владата го ослободи увозот на пченица, односно ја укина одредбата за секој килограм увезена пченица да мора да се откупат 3 килограми домашна пченица и реши да го субвенционира откупот на грозје преку исплата на 5,7 денари на винарските визби за секој откупен килограм.
Одлуката, пак, за откуп на 4 килограми домашна пченица за да може да се увезе килограм брашно останува во сила до средина на идниот месец, кога ќе се евалуираат состојбите и ќе се одлучи дали ќе има нејзино какво било ревидирање. Со овие одлуки Владата ќе се обидува да го стабилизира пазарот на пченица и брашно, но не гарантира дека лебот нем�� да поскапи.
„Цената на брашното и лебот е пазарна категорија. Не очекуваме големи флуктуации во цената на брашното и на лебот, иако сме сведоци дека во одредени држави има зголемувања на цените, што не се случај со Македонија“, истакна министерот за земјоделство Љупчо Димовски, очигледно не познавајќи ги ситуациите на терен, каде што цената на лебот веќе почна да вивнува.
Можноста за интервенција на пазарот со пченица од стоковните резерви засега не е во игра, а ќе се види и дали ќе има интервентен увоз.
„Пазарот е стабилен. Пченица има. Доколку се појави потреба, ќе има интервентен увоз, а што се однесува до пченицата од стоковните резерви, допрва ќе се одлучува дали ќе се интервенира на пазарот преку пуштање пченица од стоковните резерви“, објасни Димовски.
Владата смета дека досегашната обврска за преработувачите околу откупувањето домашно жито дало плод веќе во првите 15 дена откако била донесена. „Мерката ги заштити домашните производители. Сега дозволуваме оваа мерка да се укине заради стабилизирање на пазарните односи“, истакна министерот за земјоделство.
Според него, до овој момент се откупени над 50.000 тони пченица. „Просечната цена изминатите 15 дена изнесуваше 9,8 денари, а сега е 10,5. Во почетокот на септември се очекува откупот да биде со поголема динамика“, рече Димовски.
Владата годинава реши да го спасува и лозарството, но преку финансиска поддршка на откупувачите на грозје. „Винарските визби ќе добијат по 5,7 денари за килограм откупено грозје, доколку годинава се откупат над 65 отсто од ланските откупени количини. Тоа значи дека ако винарската визба откупи исти количини грозје како минатата година, во просек поддршката за секој килограм би била по два денара“, изјави вчера вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски. Оваа мерка ќе ја чини Владата 3-4 милиони евра. Според него, дополнително ќе се разгледува можноста за субвенционирање на извозот на вино. „Останува отворена опцијата за реализирање уште еден вид поддршка во лозарството преку еден-два денара субвенција за секој извезен литар вино во шише, но за ова допрва ќе се одлучува. Конечниот став се уште не е заземен“, нагласи вицепремиерот.
Годишнава поддршка, сепак, е врзана со исплата на ланското грозје.
„За да се добијат парите за откуп на грозје годинава, услов е да се исплати ланското грозје. Во винарските визби постојат релативно големи залихи вино од минатата година. Со тоа се отежнува годинашниот откуп. Оттука, оваа мерка е насочена кон откупувачите, но индиректно ќе влијае и врз производителите“, смета вицепремиерот за економски прашања.
Идејата поддршката да изнесува два денара е базирана на пресметката според која за производство на литар вино се потребни 1,3 килограми грозје. „Целта е, истакна Пешевски, нашето вино да стане за 4-5 евроценти поконкурентно за извоз на надворешниот пазар“. За да се зголеми продажбата на македонското вино, Владата ги задолжила сите амбасади и економски промотори на Македонија во странство најдоцна до крајот на овој месец да ги посетат најголемите од пет до седум винарски визби во односните земји. |