Број 3368  четврток, 26 август 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Економија

Нови преговарачи за старата работничка болка

Маја Томиќ

Социјалните партнери, Владата, Сојузот на синдикатите на Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати, КСС и Организацијата на работодавци вчера во Владата ја потпишаа Спогодбата за основање економско-социјален совет, ЕСС. Тоа значи дека се согласни да почнат да разговараат и да се договараат при креирањето на економските и социјалните политики. А за што ќе се преговара конкретно на првата средба на ЕСС, закажана за наредната недела, и кои се економските приоритети, ќе се договорело дополнително. Само од ССМ повторија дека тогаш ќе ја предложат нивната, реална потрошувачка кошничка.

Овој чин на вчерашната прес-конференција беше квалификуван како историски од страна на в.д. претседателот ��а ССМ, Живко Митревски. Вицепремиерот Владимир Пешевски, пак, посочи дека Советот прв пат се формира и дека значи чекор напред за подобрување на дијалогот меѓу социјалните партнери.

Изјавата збунува. Бидејќи, трипартизмот и социјалниот дијалог во државава, односно институтот економско-социјален совет е воспоставен уште од деведесеттите години на минатиот век, со почетокот на процесот на приватизација и никогаш досега не бил официјално укинат. Во времето на сите досегашни влади, ЕСС се состанувал по повеќе пати во текот на годината и расправал за разни економски прашања и закони. А, посебно беше активен кога министер за труд и социјала беше Јован Манасиевски, во коалициската влада на СДСМ. Со доаѓањето на Владата на премиерот Никола Груевски, ЕСС, односно социјалниот дијалог, воопшто и не функционираше. Посебно Груевски не сакаше да чуе за какви било преговори со претставници на ССМ, и покрај нивните инсистирања.

Така беше се' до смената на Ванчо Муратовски и назначувањето на новиот в.д. претседател Живко Митревски пролетоска. Сега, со новото раководство на ССМ, и заедно со Конфедерациј��та на слободни синдикати, Владата лесно прифати да стане дел од социјалното партнерство и да потпише свечено спогодба за основање ЕСС. „Правиме чекор напред во насока на подобрување на дијалогот меѓу Владата и репрезентативните синдикати во земјава. Советот за Владата ќе има консултативна улога при креирањето на економските, посебно социјалните политики“, изјави Пешевски.

Во врска со новиот извештај на Евростат за зголемувањето на невработеноста во Македонија, вицепремиерот рече дека се преземаат мерки за економијата да тргне во вистинска насока. „Пред кризата имаше значителен пад на невработеноста, за време на кризата имаше период на стагнација, но како што излегуваме од кризата, ќе продолжи позитивната стапка на раст на вработеноста. Сите мерки што ги преземаме во економската сфера се во таа насока“, истакна Пешевски.

Според министерот за труд и социјала, Џељаљ Бајрами, со формирањето на ЕСС ќе се креира политика која ќе ги задоволува потребите на граѓаните. Митревски, пак, посочи дека вчерашниот чин е историски и со него ќе се имплементира нормален социјален дијалог. Оваа форма на разговарање ќе внесе, според Митревски, нов европски социјален дух. „По една година, кога ќе се сумираат резултатите од нашето работење, ќе се види дека ЕСС не бил од формален карактер, туку дека реално одговорил на предизвиците“, рече тој.

Раско Мишковски, претседател на КСС, изјави дека Советот ќе ги заштитува правата на работниците, а во сличен стил, и Димитар Стојановски, претседател на Организацијата на работодавци, посочи дека ЕСС ќе придонесе за подобрување на законската регулатива, во насока на социјалниот мир и економскиот напредок.


#
Статијата е прочитана 481 пати.

Испрати коментар

Од: Тест прашање
Датум: 26.08.2010 07:26:16
На што Ви личат фаците на ССМ и неговите партнери?
Од: Mitre od dolnidupeni
Датум: 26.08.2010 07:56:01
Jas ne sum znael deka seuste sme imale sindikati...Pa pravata na rabotnicite sekidnevno se se pozagrozeni i pomali a vamu ke pregovarale...Za sto...za novi restrikcii na pravata???Bruka se...Koj li im clenuva????

Најди! во Утрински
Економија
Владата со мерки, но за цената на лебот нема гаранции
Евтините авиобилети утопија
Стиглиц
Банкарските пари најсигурни во НБМ
Грчките банки ќе мора да се здружат?
Московскиот градоначалник најбогат политичар