Нарковојна во Јамајка
КИНГСТОН - Премиерот на Јамајка, Брус Голдинг, вети дека ќе го врати редот откако бројот на жртвите за време на офанзивата против наркокартелите во Кингстон надмина 31 лице. Тој изјави дека жали за жртвите додека безбедносните сили се пресметуваат со борците лојални на осомничениот трговец со дрога, кој се бара од страна на САД. Голдинг изјави дека полицијата ќе ја продолжи потрагата по илегално оружје и осомничени за кривични дела. Престојувалиштата на наводниот наркобос Кристофер Кок - Дудус се непознати. Тој има илјадници лојални следбеници, кои дадоа заклетва дека ќе го штитат по секоја цена.
Полицијата соопшти дека притвориле повеќе од 200 лица и заплениле оружје и муниција во операцијата во која биле ангажирани илјадници полицајци и војници, добро вооружени и поддржани од оклопни возила и хеликоптери.
Во вторникот имаше нови пресметки, додека полицијата и војниците ја пребаруваа областа Тиволи Гарденс во Кингстон во потрага по Кок. Борбите повремено го блокираа патот до аеродромот во Кингстон и беа причина за откажување на некои летови. Западните земји, како што се САД и Велика Британија, ги предупредија своите граѓани во овие услови да не патуваат во Кингстон и во околните области. (Би-Би-Си) |