Број 3291  четврток, 27 мај 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Свет

Колега, се плашам дека веќе нема пари!

Шегата на доскорешниот главен секретар во министерството за финансии ги исплаши Британците

Од нашиот дописник
Томислав Ивановски

ЛОНДОН - Кусата порака што доскорешниот генерален секретар во британското министерство за финансии, Лијам Бирн, му ја остави на својот наследник пред да се исели од канцеларијата, лабуристите ја нарекоа како „шеговит поздрав“ за новиот човек во таа функција, либералдемократот Дејвид Лоз. Но, никој во коалициската влада на новиот премиер Дејвид Камерон, а уште помалку кој било во британската јавност немаше сила да се насмее на вицот, затоа што во пораката на Бирн има повеќе место за страв отколку за смеење.

„Драг генерален секретару, се плашам дека веќе нема пари. Срдечен поздрав и со среќа“. Вака гласи целата пораката на Бирн до Лоз, уште пред да биде поставен на таа функција. Станува збор за респектибилно место во британската владина администрација, затоа што оној што ја држи таа функција, практично, е заменик на министерот за финансии и член на владата, па кога Дејвид Лоз ја обелодени, сите се закачија за тоа „веќе нема пари“. Тоа во јавноста се прифати како некакво прикриено признавање на лабуристите пред одење дека ја оставиле државата без пари и без средства за сервисирање на јавните потреби.

Новиот генерален секретар изјави дека кога видел дека има писмо за него, поверувал дека во него има практично совети за водење на функцијата или објаснувања за некои состојби во државните плаќања, какви што би требало да се очекуваат во министерство што ги „чува парите“. Се изненадив кога видов дека има само една ваква реченица, која е многу помалку корисна за мене како нов на оваа функција, рече во едно телевизиско интервју Лоз. За разлика од него, шегаџијата Лијам Бирн изјави дека нема потреба од драматизирање, затоа што сакал да го поздрави својот наследник на овој начин што, според него, е вообичаениот одговор на шефовите во министерството на постојаните барања пари за разни потреби.

Извори на министерството за финансии уште објаснија дека писмото-порака на Бирн било напишано уште на 6 април, денот кога беа закажани парламентарните избори во земјата. Според овие толкувања, генералниот секретар на заминување и не е којзнае колку оригинален, па потсетуваат дека во далечната 1964 година тогашниот функционер, конзервативецот Реџи Модлинг, на својот наследник Џејмс Калаган (подоцна ќе стане премиер), му напишал само - жалам што ти оставам бркотница (со парите и со државната каса). Многу брзо Дејвид Лоз ќе ја разбере вистинската суштина на мојата порака, инсистира Бирн.

Можеби сево ова и ќе завршеше како виц и немаше да добие публицитет во британската јавност доколку домашната економија не се соочува со најнизок раст меѓу најразвиените стопанства во светот, а внатрешниот долг или буџетската дупка не изнесува повеќе од 160 милијарди фунти и не зафаќа повеќе од 11 отсто од бруто националниот производ на Велика Британија. Точно во моментите додека се менуваа старата и новата влада беше обелоденето дека во земјата расте невработеноста, се зголемува инфлацијата, а растот на економијата е многу побавен отколку што се очекуваше и се предвидуваше и на што сметаа лабуристите, градејќи ги своите надежи за изборна победа. Главната теза на Гордон Браун беше дека треба време за целосно заздравување и дека затоа не треба да се почне веднаш со кратењето на јавната потрошувачка и со намалување на долгот, бидејќи на тој начин се ризикува враќање на рецесијата.

Така не мислат повеќето лондонски финансиски експерти, како и гувернерот на централната банка, Мервин Кинг, кој во првата изјава по формирањето на новата влада, рече дека треба да се почне веднаш со намалувањето на големиот долг и со напуштање на економската филозофија за постојано задолжување, алудирајќи на заложбите на Браун уште од времето како министер за финансии. Новата влада веќе најави намалување на платите во јавниот сектор, посебно на раководителите на јавните фирми и компании, укинување на практиката над 75 отсто од нив да земаат бонуси по углед на банкарите и зголемување на некои од даноците. Британците стравуваат дека би можело да се зголеми ДДВ до 20 отсто, меѓутоа, вработените во јавниот сектор се плашат од можноста дека ќе има поголеми отпуштања од работа. Тоа беше пораката со предупредување со која Гордон Браун се обидуваше да ги повлече на своја страна гласачите за да не гласаат за ториевците, кои, пак, единствени уште пред изборите зборуваа дека Велика Британија мора да собере храброст и уште оваа година да се зафати со намалување на долгот за шест милијарди фунти и со болни решенија за спасување на економијата на државата.

Нивните политички противници и натаму велат дека не треба да се избрзува, како и да се претерува со тренирање строгост во економијата, затоа што грубата пресметка со долгот може да и' наштети на позицијата на земјата, инсистирајќи дека Британија не е Грција во ниту еден поглед. Други, пак, го истакнуваат неодамна објавениот податок дека во земјата дури 18 отсто од населението е вработено во јавниот сектор, додека во грчкиот случај станува збор за 12 отсто, во Шпанија за 15, а во Ирска за девет отсто од населението. Сите три земји се посочуваат како презадолжени и со внатрешен долг, што Грција не може сама да го сервисира, а другите две се на граница да го признаат тоа, па веќе имаат најавени многу поголеми кратења на буџетската потрошувачка од британските. Сега се откри дека владата на лабуристите во последните четири месеци пред изборите ги игнорирала советите и имаат ветено ново трошење од буџетот и ново зголемување на внатрешниот долг. Тоа е причината за стравувањата што понатаму ќе се открие во сметките на државата, па затоа и најголемиот дел од луѓето на пораката на Лијам Бирн гледаат како на предупредување, а не како на шеговита порака.


#
Статијата е прочитана 1207 пати.

Испрати коментар

Од: jovan
Датум: 27.05.2010 01:09:12
Britanskiot "humor" e seriozen. I Cercil za vreme na vtorata svetska vojna, koga im bilo najtesko, mnogupati preku humor objasnuval odredeni seriozni situacii. Vo slucajov Britancite preku humor dale tocna slika ne samo za Britanija, tuku za celata EU na koja ne i ostana nikakva druga alternativa osven stedenje i namaluvanje na standardot, a posebno namaluvanje na penzionerskiot standard. Nekoj drzavi veke pocnaa da ja prodolzuvaat starosnata granica za penzioniranje.
Од: нешто измеѓу
Датум: 27.05.2010 15:15:10
Има надеж.Се плашам,и нема, не е исто!

Најди! во Утрински
Свет
Воена реторика на Корејскиот Полуостров
Романските Унгарци гравитираат кон Будимпешта
Ракети против довербата
Со војска Обама ќе се брани од мексикански имигранти
Нарковојна во Јамајка