Само три прилепски фирми го примениле системот ХАССАП
Прилеп - Само три фирми во Прилеп досега го имаат имплементирано системот за безбедна храна ХАССАП, иако рокот за примена истекува оваа година. ХАССАП имаат имплементирано и сертифицирано прилепска „Витаминка“, фирмата „Донија“ и Прилепската пиварница.
„Со ова, за жал, се вклопуваме во скромниот македонски процент од 3 отсто фирми што го имаат применето овој систем“, вели Ристо Најдоски од Регионалната стопанска комора во Прилеп.
Комората ги поттикнува фирмите колку што може поскоро да го применат системот ХАССАП, отстранувајќи ги заблудите дека тој е скап. „Во фирмите што се занимаваат со прехранбена дејност треба сериозно да си ја сфатат обврската. Треба да го имплементираат системот за безбедна храна, што не е скапо и ќе ги чини фирмите, трговците, рестораните од 100 до 300 евра. Друга работа е сертифицирањето неопходно за извоз надвор од земјава. Тоа ќе ги чини големите фирми од 4.000 до 10.000 евра“, објаснува Најдоски. (МИА) |