Секој има своја приказна за скапата нафта
Саудиска Арабија ќе го зголеми дневното производство на нафта од 9 на 9,7 милиони барели
ЏЕДА - Во Саудиска Арабија се одржува значаен состанок на претставниците на земјите-произведувачи на нафта, како и на оние што ја купуваат, на кој се разговара за се' повисоките цени на црното злато. Како што јавија вчера агенциите Си-Ен-Ен и Би-Би-Си, САД и другите земји-потрошувачи ги повикале производителите да ја зголемат понудата, бидејќи вината за високите цени ја гледаат во недостигот од продуктивност. Британскиот премиер Гордон Браун изјави дека е потребно зголемување на производството за да се намали „несигурноста“ и „нестабилноста“ на цената.
Состанокот се одржува во услови на стравувања дека неодамнешната рекордно висока цена на нафтата помага американската и другите големи економии да се движат во насока на рецесија.
Саудискиот крал Абдула бин Азиз изјави дека најголемиот произведувач на нафта Саудиска Арабија го зголемува дневното производството за околу 500.000 барели во обид да се смират загриженостите околу намалување на понудата, и тоа од 9 на 9,7 милиони барели. Кралот Абдула, исто така, упати апел до земјите-членки на ОПЕК да одвојат една милијарда долари за посиромашните земји, за стратегија за намалување на кризата со високите цени на нафтата. Тој уште додаде дека Кралството ќе понуди заеми од 500 милиони долари за земјите во кои се забележува недостиг од нафта. „Многу сме загрижени за потрошувачите во сите земји. И ние ја изразуваме нашата подготвеност да се задоволат сите дополнителни потреби“, изјави тој на Самитот.
Официјални лица на Самитот обелоденија дека следната средба ќе се одржи во октомври во Лондон.
Ескалирачките цени на нафтата (суровата нафта во петокот се продаваше по цена од 134 долари за барел, речиси двојно повисока отколку пред една година) предизвикаа вознемиреност во американската економија. Нафтата стана жешко политико прашање откако цената на бензинот, дизелот и на горивото за млазни авиони во последниве месеци достигна рекордни висини. Конгресот за оваа недела закажа сесија на која ќе се дебатира за легислатива со која би можеле да се намалат цените.
Во саботата американскиот секретар за енергија Семјуел Бодман, кој ја претставуваше администрацијата на Буш на Самитот во Саудиска Арабија, рекордно високите цени на нафтата ги припиша на намаленото производство. „Верува�� дека повеќето од нас се согласуваат околу една работа: цените моментно се премногу високи. И доколку не реагираме, ситуацијата ќе стане неподнослива“, изјави тој. Додека некои вината за високите цени ја гледаат во шпекулациите, Бодман посочи дека не верува оти тие се вистинската причина за ситуацијата. Од 2003 година, рече тој, глобалната побарувачка на нафта се зголемува поради подемот на индустриите во Кина, Индија и на Блискиот Исток. Но, за периодот од 2005 до 2007 година е забележан мал пораст во понудата. Државите имаат дополнителна понуда на пазарот за енергија, без разлика дали таа е нуклеарна, од јаглен, фосилни горива, соларна или од ветровите, изјави Бодман. Но, „ние потрошивме 30 години во лакомо искористување на овие резерви“, изјави тој. „Овој проблем нема да биде решен наскоро“.
Саудиска Арабија и земјите од ОПЕК се спротивставија на оваа анализа и вината за се' повисоките цени ја гледаат во пазарните шпекулации. Претседателот на ОПЕК, Чакиб Келил, вчера инсистираше на тоа дека цената на нафтата „е одвоена од основите“ на понудата и побарувачката, според француската новинска агенција АФП. Министерот за енергија на Катар, Абдула ал Атија, изјави дека светот не се соочува со криза во снабдувањето со нафта. Но, во очигледен контрадикторен сигнал, кувајтскиот министер за нафта Мохамед ал Олаим беше цитиран како вели дека земјите-членки на ОПЕК „нема да се двоумат“ да го зголемат производството ако пазарот го бара тоа.
Аналитичарите наведуваат дека неодамнешното зголемување на производството од страна на земјите-членки на ОПЕК малку веројатно дека ќе има голем ефект врз цената, со оглед на тоа дека дневното производство на нафта во светот изнесува околу 80 милиони барели.
Напорите за контрола на цената на црното злато добија нов удар по милитантните напади врз објектите на „Шел“ и „Шеврон“ во Нигерија, што го прекинаа производството на земјата, кое изнесува повеќе од 300.000 барели дневно.
Земјите-членки на ОПЕК, кои обезбедуваат една третина од светските потреби, не се изјаснија дали ќе го следат примерот на Саудиска Арабија.
Ден претходно, пак, британскиот премиер Гордон Браун побара од Саудиска Арабија и од другите богати блискоисточни земји - производители на нафта да вложуваат пари во атомската енергија на Британија и на другите западни земји. Во интервју за „Гардијан“, Браун изјави дека неговиот предлог до „нафташите“ е „нов дил“ со земјите од ОПЕК. Британскиот премиер настојува да ги убеди Саудијците да се согласат за договор меѓу оние што произведуваат и оние што ја користат нафтата, така што производителите ќе инвестираат во енергијата на западните земји, а овие своите пари и знаење ќе ги вложат во земјите што ја произведуваат нафтата. „Состанокот во Џеда не е средба на која одиме да бараме само да се зголеми производството на нафта за да се намали цената, туку и за меѓусебно да си помогнеме“, изјави Браун пред состанокот.
Како што јави, пак, Макфакс, атомските централи во наредните две недели ќе станат клучен извор на електрична енергија, со тоа што до 2030 година бројот на нуклеарки ќе се зголеми за 60 проценти. Ова го соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА), од каде што наведуваат дека во светот постојат 440 атомски централи концентрирани во 30 држави. (Ек.Р.) |