Каква цена на лебот ќе ни скројат земјоделците и пекарите?
Цените на лебот и на печивата во догледно време би можеле да одат нагоре само под влијание на цената на нафтата
Александрија Стевковска
Жетвата на пченица само што не е почната, а веќе почнаа кавгите меѓу пекарите и земјоделците околу откупната цена на пченицата, од што во крајна линија ќе зависат и цените на лебот, печивата и на тестенините. Земјоделците бараат 15 денари за килограм пченица, а мелничарите нудат два денара помалку од тоа. Но, дури и со таа лицитирана цена за суровината пекарите се' уште не прават калкулација за новите цени на лебот.
Причината за нивниот молк може да се бара во стабилизацијата на цените на лебното жито на берзите, аналогно на што во претстојниот период не би требало да има поскапување на лебот. Но, удар на цената на лебот може да се очекува на друг фронт, енергетскиот, со оглед на тоа што се предвидува дека цените на нафтата може и натаму да растат. Според упатените, цените на лебот во догледно време би можеле да бидат коригирани нагоре само под влијание на овој трошок кој зема значителен удел во формирањето на финалните цени на производите. Сепак, според сегашните движења на цените на пченицата и на нафтата, годинава се предвидува цената на лебот да остане на исто ниво или да се намали.
„Доколку се либерализира увозот на пченица и доколку нашите земјоделци сфатат дека е илузорно да бараат цена од 15 денари за килограм пченица, годинава може да очекуваме цената на лебот да ја задржи оваа цена или дури и да се намали. Проекциите за цените на лебот не може да ги наруши ниту ситуацијата со растот на цените на нафтата, која почна да се смирува“, вели Тодор Ѓорѓиевски, извршен директор на „Мелница Кадино“.
Според Ѓорѓиевски, најреално е цената на домашната пченица да биде пониска од 12 денари за килограм, со оглед на тоа дека цената на увозната пченица ќе биде околу 12 денари, а таа е со многу повисок квалитет од домашната.
„Добрите временски услови годинава овозможија богат род, кој со излегувањето на пазарот ќе предизвика пад на цената на оваа култура, па се очекува увозната пченица да не биде повисока од 12 денари за килограм. Доколку државата ни овозможи слободно да увезуваме, цените на храната ќе паднат. Во спротивно, затворањето на границите вештачки ќе ја држи цената на лебот, од што оштетени ќе бидат граѓаните. Впрочем, како може државата да има два аршина, да го штити производството на пченица, а да овозможува слободен влез на брашно, што затвори голем број мелници“, објаснува извршниот директор на „Мелница Кадино“.
За разлика од мелничарите кои остануваат на ставот дека откупната цена ќе зависи од цената на увозното брашно, земјоделците предупредуваат дека за цена под 15 денари за килограм пченицата нема да ја предадат.
„Ланската година во ова време кога почнавме со жетвата литар нафта беше 35 денари, а оваа година достигнаа до 80 денари и затоа не се согласуваме со пониска откупна цена, од причина што имаме многу високи трошоци“, вели Драган Мицкоски, земјоделец од Прилеп.
Сепак, мелничарите сметаат дека за цената на пченицата ќе се најде решение и дека откупот ќе почне навреме.
Министерот за земјоделство, Ацо Спасеноски, ветува следење на состојбата со увозот на брашното, додека увозот на пченица за време на жетвата останува забранет за да се откупи домашната.
„Поради поголемиот принос, останувам на ставот дека до крајот на оваа и во почетокот на наредната година ќе имаме наша македонска пченица и согласно со стратегијата за развој на земјоделството до 2012 година, да го супституираме увозот на пченица со наша домашна македонска“, вели Спасеноски.
Според податоците на Министерството за земјоделство, годинава под жито има околу 100.000 хектари, од кои најголемиот дел е пченица, што е за 40 отсто повеќе од минатата година. Процените се дека родот годинава ќе тежи над 300.000 тони, што може да ги задоволи потребите на мелничката индустрија. |