Поделени критиките за „Мајки“ на Манчевски
Критичарот Давид Елрих го стави филмот меѓу десет кои треба да се видат на фестивалот во Торонто, бидејќи нема да имаат глобална дистрибуција
По двете официјални проекции на 35. Интернационален филмски фестивал во Торонто, на 12 и на 13 септември, филмот „Мајки“ на Милчо Манчевски доби доста поделени крит��ки. Дури може да се каже дека одат од една крајност во друга. Додека едни се импресионирани и одушевени од неговата комплексност, повеќезначност и прашања кои ги поставува, други сметаат дека е хаотичен, недоволно зрел и неповрзан.
Критичарот Давид Елрих направил една невообичаена листа на филмови, на која има десет остварувања што тој препорачува да не се пропуштат на фестивалот во Торонто, бидејќи нема шанси да доживеат дистрибуција во киносалите надвор од нивните татковини. Меѓу овие филмови Елрих го вклучува и „Мајки“ на Манчевски. „Меѓународниот филмски фестивал во Торонто е извонредно бомбардирање со филмови од секој агол во светот и додека некои од овие 300 селектирани филма ќе тргнат во поход за ’Оскар‘, повеќето од нив никогаш нема да доживеат глобална дистрибуција“, објаснува Елрих. Тој вели, дека дистрибутерите имаат лоша навика да избираат наслови според комерцијалната вредност, а не по нивниот квалитет. Затоа тој избрал листа од десет возбудливи наслови за кои гарантира дека никогаш нема да се прикажат во американските киносали.
„Филмот ’Пред дождот‘ на Манчевски останува еден од најтажните филмови во 1990-тите години, покрај кандидатурата за „Оскар“ за странски филм и ДВД-изданието од „Критерион“. И името на македонскиот режисер не помогна речиси воопшто неговите филмови да обезбедат глобална дистрибуција. Тој не прави филмови толку често, и враќањето на фрагментираната структура во „Мајки“ навестува добро за филмот. Заменете ги ’силување‘ и ’давење‘ со ’вампир‘ и ’вампир‘, и ’Мајки‘ би можел да има шанса, но, овој провокативен и наводно тежок филм изгледа е лишен од патриотскиот порив со кој ’Пред дождот‘ ја заскокотка Американската филмска академија. Мала е веројатноста дека тој ќе го добие истиот третман што „Критерион“ му го даде на неговото првенче. Но, Манчевски е име што треба да биде на радарот на секој љубител на филмот, а ТИФФ е добро место за да се претстави“, пишува Елрих.
Тоа дека станува збор за тежок филм потврди и самиот автор, кој по премиерата изразил задоволство за големиот одѕив, додавајќи дека вистината понекогаш боли, но мора да се соочиме со неа. Но, Алиса Симон во својата критика во „Варајети“ вели дека филмот не е доволно зрел.
„Два дела фикција, еден дел документарец, во ’Мајки‘ има мноштво идеи кои се готват во искривениот триптих на Милчо Манчевски, но за жал ниту еден од нив на крајот не излегува како готов. Големите теми како што се природата на вистината, корупцијата и баналноста на злото се очигледни, но сепак не се презентирани на многу силен начин, сигнализирајќи дека фестивалското прикажување е најпогоден начин за негово прикажување“, вели Алиса Симон. Таа се задржува кратко на описот на двата први дела, издвојувајќи ги прекрасните предели на Мариово, како и Ратка Радмановиќ и Салаетин Билал како два исклучителни лика. А за третиот дел од филмот вели: „Последниот дел, кој е за Владо Танески, работник во фабрика и новинар, кој малтретирал, силувал и убивал пензионирани чистачки во Кичево, би бил поинтересен како самостоен документарец. Секоја чест за квалитетите, но тие не ги исполнуваат вообичаените стандарди на Манчевски кои го одземаат здивот. Документарниот дел ќе има полза од дотерување и посериозно кратење“, завршува Симон.
Канадскиот магазин „Нау“ односно критиката на Радејан Симонпилаи, исто така, е доста негативна. „Трите епизоди во мешавината на македонскиот режисер Манчевски немаат речиси ништо заедничко. Има шармантна вињета каде две прекрасни девојчиња одат во полиција за да пријават перверзник, кој никогаш го немаат видено. Потоа има инертен сегмент каде што режисери посетуваат селанка, за да дознаат нешто повеќе за старите обичаи. На крајот е ужасниот документарец за сериски убиец во мал град, кој демнел постари чистачки. Секое поглавје има свои моменти, но земени заедно придонесуваат за збунувачко искуство. Ако Манчевски планирал да ги исмејува мозаичните филмови со слаби тематски врски, во овој случај вистина наспроти фикција, тогаш тоа навистина му успева“, вели Симонпилаи.
Од друга страна пак од продукцијата „Банана филм“ добивме неколку извадоци од доста позитивни рецензии. Пред се', опширната анализа на професорот Ендрју Хортон, кој пишува за угледни филмски списанија во САД, како „Синеаст“, тримесечникот „Филм“, „Филмска критика“ и „Синема журнал“, но немаме информација каде е објавена. „Манчевски создал филм со три приказни и повеќе слоеви, кој целосно те впива и уште еднаш како во „��ред дождот“ сугерира дека кругот на животот се' уште не е тркалезен“, вели Хортон. Тој посочува дека насловот на „Мајки“ не' предизвикува да ги гледаме приказните низ женска перспектива, за разлика од Холивуд и повеќето кинематографии насекаде во светот, кои прават филмови од машка перспектива. Според него „Мајки“ ги отвора границите меѓу документарното и играното, а во исто време и ги замаглува.
Хортон вели дека е импресиониран што Манчевски не се решава за хепиенд. Надоврзувајќи се на неговиот цитат, дека го направил „Мајки“ како обид да разбере како да се живее и да не се биде на губитничката страна и дека можеби сите ние треба да ја прегрнеме нашата тага и нашите стравови, Хортон додава дека „Мајки“ нуди таква прегратка, дека во него има многу сцени и моменти кои остануваат долго по гледањето на филмот. А тие моменти, нагласува Хортон, му даваат на филмот на Манчевски специјално место во современата кинематографија.
Покрај анализата на Хортон од продукцијата на „Мајки“ испратија и неколку цитати од познатите магазини. Во „Ај викли“ се вели дека филмот пристапува на идејата за раскажување (а со тоа и на режирање) на начин кој е интензивно критичен, и пркосно двосмислен. Според овој магазин, „Манчевски умешно ги третира разновидните материјали на начин кој е концептуален предизвик и целосно задоволува“. „Нешенел пост“ пак, го споредува стилот на Манчевски со оној на Алмодовар. „’Мајки‘ нуди чудесна мешавина на жанрови. Изгледа како ’Се' за мајка ми‘ среде непростливиот пејзаж и контекст на Македонија“, гласи цитатот од „Нешенел пост“. Додека во „Торонто стар“ се вели: „Филмот те тера да се прашуваш за врските на кои се алудира и инсистира, на таков начин да те остави во чудо“.
Тоа се првите реакции за четвртиот филм на Манчевски. „Мајки“ ќе има уште една официјална проекција на фестивалот во Торонто на 18 септември. Според информациите, овој филм веќе добил покани за повеќе фестивали. Каков ќе биде неговиот живот понатаму останува да видиме. (С.У.) |