Комплетиранa „Нобеловци“
Во НУБ „Св. Климент Охридски“ вчера беше промовирана едицијата „Превод на литературни дела на добитници на Нобеловата награда за литература“
Невена Поповска
Нови дваесет и еден наслов од предвидените сто и шест колку што содржи целокупната едиција „Превод на литературни дела на добитници на Нобеловата награда за литература“, вчера беа промовирани во новиот дел од НУБ „Св. Климент Охридски“.
Премиерот Никола Груевски во своето обраќање го нарече потфатот „уште еден успешен проект на Владата, кој за сите денешни и идни генерации ќе остане сведок на едно време во кое силно се поддржуваат и највисоко се ценат вредностите и придобивките на македонската литература, но и на светската. Со последната промоција на преостанатите дваесет и еден наслов, денеска пред нас ги имаме сите 106 книги, кои се преведени од оригиналниот јазик на нашиот македонски јазик“, рече Груевски.
Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, укажа дека станува збор за капитален проект, кој претставува вистинска инвестиција во иднината на македонската литература, култура и држава воопшто. Таа подвлече дека преводот на овие дела покажал дека македонскиот литературен јазик има богата лексика и синтакса со кои можат да се изразат и најсуптилните човекови чувства и мисли.
За директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Миле Бошески, објавувањето на преводите е одраз и сведоштво за достигнатиот степен на развој на македонскиот литературен јазик, додека претседателот на Друштвото на писателите на Македонија, Раде Силјан, истакна дека овој голем издавачки зафат претставува исчекор во афирмирањето и приближувањето на високите естетски литературни вредности.
Реализирањето на проектот можеме да го означиме како триумф на македонската преведувачка дејност и на македонскиот јазик, рече Силјан.
Академик Влада Урошевиќ во своето обраќање се задржа на историјатот на доделување на Нобеловата награда и за него „оваа едиција ја покажува отвореноста на македонската култура кон светот, нејзината жед за нови сознанија што доаѓаат однадвор, нејзината подготвеност за комуникација и размена на вредностите како основи на секој раст и напредок.
Проектот „Превод на литературни дела на добитници на Нобеловата награда за литература“ почна во 2009 година, за таа цел се одвоени околу 32 милиона денари, а издавач на книгите е „Микена“ од Битола. |