Две торти за селекторот
Селекторот на Бангладеш, Никола Илиевски-Џиџи, беше пријатно изненаден од своите домаќини по мечот со Пакистан. Доби две торти: една за успешното деби на клупата, втората за неговиот син Александар, кој во средата кога се играше натпреварот, го прослави 32. роденден.
Честитки од државниот врв
Фудбалските репрезентативци на Бангладеш се хит во својата земја. По триумфот над Пакистан, најубедлив досега во меѓусебните пресметки, играчите и селекторот примаат честитки од сите страни. Кон нив се придружи и државниот врв, чии претставници не останаа рамнодушни на успехот на своите фудбалери.
Играчите го носеа на раце
Популарниот Џиџи беше ѕвезда во средата навечер во Дака. По триум��от над Пакистан, играчите го кренаа на раце и го носеа 150 метри од тревникот, преку атлетската патека до соблекувалната.
„Во соблекувалната имаше атмосфера како онаа во Саутемптон, кога Македонија одигра 2:2 против Англија. Се пееше, играше, фудбалерите беа пресреќни по постигнатиот резултат“, вели Илиевски.
Два часа возење до хотелот
Колку фудбалот е популарен во Бангладеш покажува и податокот дека од хотелот до стадионот автобусот со фудбалерите патувал дваесетина минути, но по мечот било речиси невозможно да се стигне до хотелот. И покрај лошото време и обилните врнежи, на улиците на Дака излегле околу еден милион луѓе од вкупно седум милиони, колку што има жители престолнината
„Едвај го напуштивме стадионот. Низ сообраќајниците потоа беше тргни-застани. Улиците беа блокирани од автомобили и од луѓе што излегоа да не' поздрават и да споделат моменти на радост, среќа и задоволство. Последните стотина метри до хотелот не можев да издржам во автобус, се симнав и тргнав пешки“.
Маки со крвниот притисок
Временските услови беа најголемиот проблем за Илиевски во првите денови од престојот во Дака.
„Во сите затворени објекти е климатизирано, но надвор беше тешко да се издржи посебно кога излегував од хотел во прошетка. Имав впечаток како да ме дуваат со фен“, истакнува Илиевски, кој првиот ден имал крвен притисок 170 со 110.
Влажноста на воздухот, вели, е голема за човек од нашите краишта. Монсунски дождови се, речиси, секојдневие во Бангладеш. Затоа треба време за адаптација на тамошните услови на живот.
Комплекс колку четири Сараја
Илиевски во суперлативи говори за условите за работа што го има во Бангладеш. Земјата има огромен национален комплекс за сите спортови. Се наоѓа на два-три часа возење од Дака и се протега колку 4 површини на скопски Сарај. Во него има игралишта за фудбал, крикет, ракомет, одбојка, полигони за стрелаштво, хотели, фитнес центар, базени, сауна. Накусо се што е потребно за нормална работа на спортистите во мир и надвор од градската бучава и метеж. Фудбалерите имаат на користење 4 терени. Од нив се користат два во еден период додека другите се санираат и одржуваат.
„Неверојатно колку вложиле во спортот во Бангладеш. Пријатно сум изненаден. Ги обезбедиле најповолните услови за работа“, сведочи Илиевски. (С.Д.) |