Број 3619  петок, 01 јули 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести

Насловна








Site Meter
Спорт

Цонга со шокантен пресврт против Федерер

Французинот се врати по два сета негатива против шесткратниот победник  и стигна до своето прво полуфинале на Вимблдон

 Французинот Жо-Вилфред Цонга испиша нова страница во книгата на тенискиот турнир во Вимблдон со неверојатниот пресврт и победата над шесткратниот победник Роже Федерер, која му донесе полуфинален дуел со Новак Ѓоковиќ. Изненадувачката капитулација на Федерер со 3-6, 6-7, 6-4, 6-4, 6-4 пред шокираните сведоци на Централниот терен истовремено е и негов прв пораз на Гренд-слем по водство од 2:0 во сетови.

Елиминацијата во четврт-финале втора година едноподруго дојде целосно неочекувано, дотолку повеќе што 29-годишниот Швајцарец прикажа стабилна ф��рма во дотогашниот тек на турнирот. Поради тоа и беше сметан за силен фаворит за седмата вимблдонска титула, со што би го израмнил постигнувањето на Американецот Пит Сампрас.

Првите два сета не навестуваа ништо друго освен лесна задача за Федерер, но работите почнаа да се менуваат со брејкот на Цонга во петтиот гем од третиот сет, кој го означи неговото големо враќање во мечот што на крајот резултира со победа над освојувачот на 16 гренд-слем титули.

„Се чувствував толку добро на теренот. Бев брз. Денеска, едноставно, бев совршен“, им изјави Цонга на репортерите по своето само второ враќање по два сета негатива. „Се чувствував како да сонувам“.

Чудно резервираниот Федерер, пак, постави голем прашалник за неговата способност да ја зголеми колекцијата трофеи од големите турнири.

„Освен резултатот, многу работи се одвиваа како што треба“, прокоментира Швајцарецот, кој одигра подобро отколку во минатогодишното четврт-финале, кога беше поразен од Томаш Бердих. „Помислив дека играм добар меч. Всушност, прилично сум задоволен од мојата игра денеска. Тешко е да се замине од турнирот на ваков начин, но, за жал, понекогаш и тоа се случува“.

Другите тројца фаворити во четврт-финалето ја оправдаа таквата улога. Бранителот на трофејот Рафаел Надал, и покрај болката од мистериозната повреда на стапалото, релативно лесно излезе на крај со Американецот Марди Фиш, кого го совлада со 6-3, 6-3, 5-7, 6-4 и се избори за реприза на ланското полуфинале со Енди Мари. Четвртиот носител Мари, кој изгуби од Шпанецот и во полуфиналето на Ролан Гарос минатиот месец, го надигра неносителот Фелисијано Лопез од Шпанија со 6-3, 6-4, 6-4 на воодушевување од публиката на Централниот терен, која чека 75 години за прв триумф на Британец на машкиот турнир во сингл.

Ѓоковиќ, пак, во походот кон својата прва Гренд-слем титула на трева и кон првата позиција на АТП-листата му го уништи сонот на австралискиот тинејџер Бернард Томиќ во играта на мачка и глушец, иако 24-годишниот втор носител беше далеку од својата најдобра форма. За играч што ги доби своите први 41 меча годинава, Ѓоковиќ изгледаше ранливо против 18-годишната тениска ѕвезда во раѓање, но собра сили за да слави со 6-2, 3-6, 6-3, 7-5. Србинот сега го дели само една победа до епитетот светски рекет број еден, кој во таков случај нема да му побегне дури и ако Надал го освои годинашниот Вимблдон.

Квитова прва финалистка

Осмата носителка Петра Квитова ја победи Викторија Азаренка со 6-1, 3-6, 6-2 во Вимблдон и се избори за своето прво финале на Гренд-слем турнирите. Чешката тенисерка, која беше полуфиналистка и минатата година, уште од почетокот наметна иницијатива од основната линија со својот остар и спинуван удар со левата рака. Белоруската четврта носителка Азаренка, меѓутоа, се врати во вториот сет, искористувајќи ги осумте неизнудени грешки на противничката. Сепак, Квитова рано направи брејк во решавачкиот сет и ја задржа предноста до крајот.

Нејзина противничка во утрешното финале ќе биде подобрата од синоќешниот втор полуфинален дуел меѓу Марија Шарапова од Русија и Сабине Лисицки од Германија.


#
Статијата е прочитана 539 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Спорт
Затворена фабриката за милиони
Бангладеш го слави Македонецот Илиевски
Од 2014 година со мотори В-6
Две торти за селекторот
Трајковски дебитира со два гола за Верегем

"""