Затворена фабриката за милиони
За сите навивачи на Барселона тоа е свето место. Волшебната куќа Ла Масија во која пораснаа најдобрите светски играчи Меси, Чави, Иниеста, ги затвори вратите пред 15 дена. Во иднина децата од школата на Барселона ќе учат во новата Ла Масија, чија изградба чини девет милиони евра. Каталонците за младинскиот погон трошат повеќе од пет милиони евра годишно.
„Во таа куќа станари беа најголемите играчи. Тажен сум што во иднина нема да имаме место кое толку ни дало во историјата“, кажа на простувањето претседателот на Барселона, Сандро Росел и додаде: „Сепак, промената ќе им дојде добро на сите. Новата Ла Масија е многу помодерна и пофинкционална“.
Тренерот Пеп Гаврдиола не можеше да ги сокрие емо��иите. И тој порасна во Ла Масија. Како играч и тренер веќе освои 26 трофеи и посебно е врзан за куќата.
„Играчите кои минуваат низ оваа школа имаат нешто посебно, нешто поинакво од другите. Ме врзуваат фантастични спомени за оваа куќа и за се' околу неа. Се сеќавам кога родителите ме донесоа да тренирам. Тоа беше посебно чувство“, речиси во солзи изјави Гвардиола.
Новата куќа ќе изнедри некои нови генијални играчи. Играчот од средниот ред Тиаго Алкантара (20), Марк Муниеса (19), Марк Бартра (20) само се некои од идните ѕвезди. Тие се последните кои имаа шанса да живеат во старата Ла Масија, пред нејзиното затворање.
Инаку, во финалето против Манчестер јунајтед играа седум играчи од школата на Барса. Пике, Бускец, Педро, Чави, Иниеста, Меси, Валдес...Тие седуммина вредат околу 300 милиони евра.
Старата Ла Масија е затворена по 32 години, а новата ќе биде дом за исклучително талентирани 60 деца.
Арсенал во рекламниот спот остана без Фабрегас
Цеск Фабрегас, играчот кој е во центарот на уште еден преоден рок, исклучен е од промотивниот спот за својот клуб.
Имено, Арсенал, на снимањето на спотот за резервните дресови во новата сезона не го повика Шпанецот. Капитенот веќе најави заминување, а потегот на управата на „топчиите“ кажува многу.
Последната понуда на Барселона за Фабрегас беше 38 милиони евра.
НеЈмар: Не ме интересира Барса, сакам во Реал!
„Марка“ откри дека на својот другар од репрезентацијата Дани Алвеш, Нејмар му порачал да се подготви, бидејќи од наредната година ќе водат битка во „Ел Класико“.
Нејмар ги прокоментира најавите дека за него во игра се пет клуба. „Нема шанси, не одам во Барселона, Сити, Челзи, сакам само во Реал“, им кажал талентираниот играч на другарите од тимот.
Сопственикот на Бирмингем уапсен поради перење пари
Полицијата во Хонг Конг во средата го уапси сопственикот на Бирмингем, 51 годишниот Карсон Јеунг. Тајкунот, кој е обвинет за финансиска измама, го купи Бирмингем пред две години за 81,5 милиони фунти. Тој вчера се појави на суд под обвинение за перење на 92 милиони американски долари. Потоа беше ослободен со кауција, но му беше одземен пасошот, така што не смее да го напушти Хонг Конг. Полицијата соопшти дека Јеунг бил уапсен по рацијата што беше спроведена на две локации, при што беа запленети инкриминирашки документи.
Баерн ги мерка Боатенг, Милито, Видал...
Според пишувањата на „Билд“ германскиот фудбалски гигант Баерн во летниот преоден рок планира да се засили со уште двајца играчи. Приоритет се позицијата среден дефанзивец, а главната мета е позната веќе подолго време: германскиот репрезентативец и член на Манчестер Сити, Џером Боатенг. Играчот искажа желба за доаѓање на „Алијанц Арената“. Тој наводно веќе се договорил со Бавараците да потпише до 2015 година, но проблем претставуваат 20 милиони евра отштета колку што бара Сити.
„Билд“ додава дека Баерн ќе се заврти и кон Бразилецот Алекс од Челзи како и кон Аргентинецот Габриел Милито од Барселона. Покрај за овие Баерн е заинтересиран и за чилеанскиот играч од средниот ред на Баер Леверкузен, Артуро Видал.
Купер нов тренер на Сантандер
Ектор Купер, 55 годишниот аргентински стручњак е новиот тренер на шпанскиот прволигаш Сантадер, со кого потпиша едногодишен договор.
Претходниот тренер Марселино Гарсија Торал, се скара со претседателот на клубот Ахсан Али Сјед поради тоа што не им исплатил плати на фудбалерите.
Купер најголемиот успех го оствари со Валенсија, која два пати во 2000 и 2001 година ја однесе во финалето на Лигата на шампионите. Потоа ги водеше Интер, Мајорка, Бетис, Парма и репрезентацијата на Грузија. Последниот агажман го имаше во грчки Арис. Во јануари годинава поднесе оставка поради лошите резултати.
Фрингс потпиша за Торонто
Поранешниот репрезентативец на Германија, Торстен Фрингс, кариерата ќе ја продолжи во американската лига, поточно во Торонто. На Фрингс на крајот на минатата сезона му истече договорот со Вердер, а клубот не му понуди нов. Наместо тоа му понуди тренерско место, но на Фригс уште му се игра. Не е тајна дека клучната улога во преговорите со Торонто ја одигра поранешниот селектор на Германија, Јирген Клинсман, кој во канадскиот клуб има советничка улога. |