Флеш-вести
Трајковски дебитира со два гола за Верегем
Младинскиот репрезентативец на Македонија, Александар Трајковски, имаше блескаво деби за белгискиот фудбалски прволигаш Зулте Варегем, зачинето со два гола во пријателскиот натпревар со нисколигашот Јепер. Новиот тим на 18-годишниот Трајковски победи со 5:0, а тој влезе во игра во второто полувреме и стрелаше прецизно уште во 49 минута за 3:0 и потоа во 67 мин. за 4:0.
Големата надеж на македонскиот фудбал неодамна направи трансфер од Интер Запрешиќ во Варегем, вреден еден милион евра. За хрватската екипа во минатата сезона одигра 15 средби и постигна четири гола, а неговите игри беа забележани од Динамо Загреб, но тој не беше заинтересиран. На крајот од сезоната клубот од Запрешиќ ја одби понудата на Андерлехт од 500.000 евра, но двојно повисоката отштета го одведе скопјанецот во Варегем.
Трајковски кариерата ја почна во Цементарница, за која пред две сезони постигна два гола на 11 меча, по што на 17 години премина во Интер Запрешиќ, но доби право да игра една година подоцна. (Р.Д.)
Шах
Македонците успешни во Албена
Пет победи, едно реми и еден пораз е билансот на седумтемина македонски претставници на 19. Отворен шаховски турнир во бугарскиот град Албена, со награден фонд од 40.000 евра, од кои 8.000 за победникот.
Славеа велемајсторот Звонко Станојоски (2493) против Билал Самхури (2269) од Јордан, ФИДЕ-мајсторот Ристе Менкиноски (2331) над Бугаринот Петар Љангов (2064), интермајсторот Филип Панчевски (2399) во дуелот со Гркот Александрос Искос (2105), ИМ Тони Кироски (2340) против Дајан Нинов (2090) од Бугарија и Бојана Бејатовиќ (1968) во партијата со домашниот шахист Јордан Стојанов. Моника Стојковска (1900) ремизира со ИМ Петар Орев (2224), а единствениот пораз од Македонците го претрпе Драга Николовска (1755) против Васил Крустев (2025).
Станојоски и Менкиноски со по четири поена се на делба на десеттото место во конкуренција на 274 учесници. Панчевски и Кироски со по 3,5 поена го делат 37. место, а Бејатовиќ со три поена е на делба на 62. позиција. Стојковска има 2,5 поена, а Николовска два.
Табела: Родштајн 5, Чепаринов, Лупулеску, Делчев, Григорјан, Николов, Арнаудов, Светушкин и Антон по 4,5 итн. (Р.Д.)
Тенис
ЃорЧеска запрена во Прокупле
По успехот во Ниш каде што ги помина квалификациите и стигна до четврт-финалето, Лина Ѓорческа е запрена на стартот од тенискиот турнир во Прокупле, кој се игра на земјена подлога и за награден фонд од 10.000 долари. Непремостлива пречка за 16-годишната тетовка, која се појави директно на главниот турнир со покана од организаторот, беше седмата носителка Мартина Боречка од Чешка, 692. на ВТА-листата, која славеше со 6-4, 6-2.
Ѓорческа, која во професионалниот тенис дебитира во унгарскиот град Ниреѓхаза во почетокот на јуни, во своите први три турнири во кариерата има забележано три победи и два пораза. Таа останува во Прокупле каде што ќе има турнир и следната седмица. (Р.Д.) |