Бангладеш го слави Македонецот Илиевски
Ексселекторот на Македонија дебитира на клупата на азиската земја со победа над Пакистан од 3:0 во мундијалските квалификации, која предизвика еуфорија во Дака
Сашко Ѓ. Димовски
Бангладеш е во транс. За еуфорија на нацијата се погрижи фудбалската репрезентација на оваа земја, на чие чело од неодамна е поранешниот македонски селектор Никола Илиевски-Џиџи. Со само два одржани тренинга под негово водство, репрезентативците на оваа 170-милионска азиска држава го поразија Пакистан со 3:0 во првиот меч од претквалификациите во азиската зона за пласман на Светското првенство во Бразил во 2014 година. Ако во реваншот во Лахоре на 3 јули ја одбранат предноста од Дака, во наредната рунда, последна пред главната квалификациска фаза, составот на Илиевски ќе обезбеди двомеч со селекцијата на Либан.
„Ништо не е завршено. Ова е само прво полувреме. Видов сериозен квалитет кај Пакистанците. И покрај убавата предност со која ќе патуваме во реваншот, сепак, мораме да останеме цврсто на земја. Не знам на каков терен ќе играме во Лахоре. Ако биде добар, тогаш не треба да имаме големи проблеми“, изјави Илиевски во ексклузивниот разговор за „Утрински весник“ од Дака.
„Моите играчи се ниски по раст. Највисокиот репрезентативец што го имам на располагање е за 15-20 сантиметри понизок од противничките фудбалери. Затоа, не смееме да дозволиме премногу корнери и нафрлени топки по прекини“, вели Македонецот на клупата на густо населената земја од југоистокот на Азија.
Бангладеш брзо поведе, како што посакуваше Илиевски, уште во 2 минута, а 20 минути подоцна водството на домашниот состав беше дуплирано. По паузата следуваше уште една топка во пакистанската мрежа за конечни 3:0 и за лудило на трибините на стадионот со капацитет од 60.000 гледачи. Поради лошото време и обилните врнежи од дожд, мечот го следеа околу 20.000.
„Условите за игра беа ненормални, беше тешко да се контролира топката, која се вкопуваше во одредени ситуации. Затоа, направив тесна формација и дозволивме Пакистан да има поголем дел од поседот на топката, а со самото тоа и повеќе да греши на тревникот. Ние го искористивме тоа, иако во сите 90 минути врнеше силен дожд. Изгледаше како некој од горе да фрла вода со кофи“, појаснува Илиевски.
Популарниот Џиџи немаше многу време за анализа и за добивање слика со што ќе си има работа во Дака. Пред дебито погледна десет меча на тимот, од кои последниот одигран кон крајот на 2010 година. Се зафати веднаш со работа и, како што вели, беше принуден формациски да менува од дотогашната пракса во репрезентацијата на Бангладеш.
„Сите беа збунети кога го изведов првиот тим на терен. Се решив за формација 4-2-3-1, што наиде на чудење, не толку кај фудбалерите, колку кај луѓето од Федерацијата. Но, јас не правам систем на игра што јас го сакам, туку го прилагодувам според квалитетот на играчкиот кадар со кој располагам. И се покажа дека не згрешив. Дојдов во репрезентација без поголемо искуство, но со желба да направам нешто што ќе остане забележано овде. Во составот имам осум играчи на возраст од 22-23 години, кои одлично се познаваат. Заедно се цела деценија и ги минале сите фудбалски селекции“, коментира Илиевски.
Илиевски има договор со Фудбалската федерација на Бангладеш на 11 месеци, но не е исклучена можноста за негово продолжување, како што е отворена опцијата и да помогне во работата со националниот тим за фудбалери до 19 години. |