Театарот „Акхе“ од Русија гостува на МОТ
Вечерва, во рамките на театарскиот фестивал „Млад ’отворен театар“, во 20 часот, на сцената на Младинскиот културен центар, гостува театарот од Русија „Акхе“, кој ќе се претстави со специфичниот проект „Господин Кармен“. „Господин Кармен“ е перформанс кој е изведен како дуел. „Театарската реалност се судира со домаќинската воздржаност, а пишаниот текст е спротивен со читаниот текст и личноста се среќава со своето алтер его. Ова е дејство кое во мал простор е затворено однатре. Оваа празнина е заградена со тенко јаже и чекор надвор од неа претставува закана за самиот лик со смрт. Тоа е смрт, која тежнее личностите да го докажуваат своето право за сопствениот живот“, се вели во каталогот за претставата.
Претставата „Господин Кармен“ е премиерно изведена во 2003 година. Досега има освоено Гран-при на фестивалот „Мимос“ во Франција, а била номинирана и за најдобра претстава на престижниот фестивал „Златна маска“ во Москва, во 2005 година. Притоа интересно е да се напомене дека театарот „Акхе“, кој се занимава исклучиво со експериментална естетика, досега е награден со неколку „Златни маски“ на овој голем фестивал во Русија. (Л.М.) |