Брoj 2793  понеделник, 22 септември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Разговор

Прличев е нашиот златоврв

Петре Бакевски, добитник на наградата за најдобра поема „Григор Прличев“

Невена Поповска

Победата на писателот Петре Бакевски на анонимниот конкурс за наградата за најдобра поема „Григор Прличев“ некои го примија како изненадување, а некои како очекуван успех.

„Конкурсот за поема „Григор Прличев“ воспостави висок естетски критериум, вели лауреатот Бакевски. На него веќе победнички се изредија голем број значајни, извонредни македонски поети со своите најзрели поетски творби. И секој што ќе помисли да пишува за овој анонимен конкурс, ќе мора да смета на голем личен ангажман, на многу работи, на силно и изворно поетско вдахновение, на автентичен поетски исказ. Со творечки блеф нема голем, возвишен успех. Блефирањето во творештвото е краткоздивно. Јас сум во најзрелите години на животот. Се уште со голема волја за пишување, за творење. Тие што се изненадени од овој успех, од оваа моја победа на конкурсот, треба да знаат дека речиси половина од мојот поетски опус е - поемски. Поемата, епот, поемската долга песна, епскиот исказ, поголемите поетски предизвици јас едноставно одамна ги засакав. И ги практикувам. Не жалам ни време, ни труд, ни нерви, ни разочарувања, туку напротив, с? вложувам да дојдам до поголем, позначаен уметнички резултат. До "Атлантида дојдов низ долги бдеења врз стихот, врз идејата, до резбање на мислата, до заокружување и артикулирање на космичка енергија за да ја обликувам формата на големата поемска градба што ја посакував. Штом, ете, го работев тоа, знаев дека еден ден некој и компетентно ќе го забележи, ќе го вреднува. "Атлантида е сублимат на целото мое поетско, книжевно и животно искуство. Тука се сите мои возвишувања и паѓања, сите мои соништа и изгубени илузии.

Атлантида е име на исчезната земја. Зошто Атлантида?

„Атлантида е метафора за исчезнувањето. Таа има двојно значење, и лично и општо, појаснува Бакевски. Животот на човекот се одвива во биолошки круг. Само времето постојано трае, се продолжува, се обновува, се пресоздава, ги пласти драмите, селективно и двоумно ги памети сеќавањата, предупредува и повторно се става на искушенија. И на нови предизвици. На нови потраги. На нови откровенија. Секој човек во своето време е распнат на чувствителните и усвитени жички на искушенијата. Причина за тие искушенија има во недоброј. Тегоби, мачнотии, подметнати стапици, подмолности, предизвици на судбината, грешни мисли, тревожни искричења на душата, потпалени огнови на немирот, на неспокојот, големи мечти и гровнати илузии, можното станува неможно, одземање на среќата, заскитување во бурјаните на беспатијата, пометан свест, заробен ум, оловно време... Многу работи влијаат на нашиот живот. На нашето расположение. На чувствата. На егзистенцијалниот минимум. Велат, секој човек е градител на својата куќа на среќата. Ама многупати не е така во животот. Во нашиот, македонски контекст, судбината е малку поинаква. Колективната судбина влијае и на личната (не)среќа. Откога паметиме македонската куќа на среќата е во постојана градба и разградба, во растемелување и на тоа што ни е божјо затемелено. Никако да стигнеме до чатијата, па до ќерамидите на покривот, небото и ѕвездите да си ги прибереме под едно огниште. Се некако сме разветрени низ недугавото лице на (не)времето, низ туѓите алчни посегања по нашите библиски и историски духовни градби.“

Значи која е директната асоцијација за сегашното, македонско, наше време? За македонската сегашна драма?

Ако ја нема таа директна асоцијација за моето сегашно време, воопшто не би имал потреба и да пишувам. И не би барал ни директна, ни индиректна метафора, знак, симбол, глас или крик. Молк или тишина. Сува јадосана подголтка. Пелин во грлото, чемер во душата. Болката е токму ова сегашно мое, наше македонско недугаво македонско време. Полно со достаги, со црни бубалки на неизвесноста. Со многу недообјаснети премрежиња. Се си мислам дека токму ние, сегашниве живи Македонци истовремено ги живееме сите македонски историски времиња и невремиња. Се ни е ставено на душа. И се ни е на распетие. Посипани сме со обвиненија за сите гревови и за сите добрини. И за доброто и за лошото. И за величествените походи на славните предци и за сонцељубивите порази. За се треба да платиме тежок данок. Се да ни биде земено, да не нема, да не уништат, за векутум да исчезнеме. Безимени, без идентитет, без паметење и без земни траги за нашето постоење. Историја без историја. Земја без земја. Народ без луѓе. Јазик без азбуки. Па ајде издржи го тоа време. Спротивстави му се. Изгони ги тие подмолни, ветерничави сили, натемага со скрвавени погледи, алчни и здивосани до бесмисла за постоењето на нормалниот човечки род, кои соседски злоочно катаден ти ѕиркаат на националната трпеза, кобно ти копкаат и скрбно те јадосуваат во душата. Душата да ти пукне од мака. Ама феноменот на историскиот Македонец е токму во прометејската издржливост. И карпите и луњите и лапавиците на историските неправди само го подзасилуваат чувството за опстојба. За истрајба. Меѓу стравот за исчезнување, за распетие и за простување со судбината, сепак, секогаш има искра надеж! Атлантида заплискува, заплашува, страши, не полни со јанѕи, виуличи, рика, не влече кон дното на историскиот заборав, сака да не лапне, ама, ама... можеби еден ден ќе исплива тој потонат остров, тој архипелаг на вистината, докрај и озарено ќе засвети Рациновиот силно светнат ден! Мојата Атлантида ја создавав меѓу очајувањето, стравот, болестите, трепетот и несониците, но и меѓу куражните искри надеж.“

Да се пишува поема за многумина е тешка и макотрпна работа. Каков е процесот на работа на Бакевски, бидејќи пред се тоа е голема поетска градба, специфична, страшно обврзувачка, но и ризична?

„Поемата искрено ја сакам. Ги сакам поголемите предизвици. И кога сум бил разочаран од неуспехот, од слабите обиди, пак повторно сум се навраќал на нови поемски проекти. Поемата ја доживувам како моја судбинска творечка предодреденост, вели Бакевски Тоа му е како туркање на Сизифовиот камен. Сизиф си ја прифаќа својата судбина со туркањето на каменот и не верува дека таа работа е јалова, попуста, иако напразно и заканувачки тој камен постојано му се враќа во подножјето на неуспехот. И, којзнае дали е тоа неуспех? Можеби е нешто друго. Постојана проверка на вербата во себе, на пример. Постојано ново спокојство и нова впрегнатост да се оди угоре, да се дофати поголема светлинка, поголемо сознание и поголема вистина. И да се открие поголем мегдан, поширока глетка на убавината, на радоста, на среќата. Само така може да се откријат скриените убавини во пејзажот на животот. И кога се очајува, се повикува утехата. И кога се молитви, се верува во боговите. И кога е распетие, воскреснува духот. Кога човек целиот ќе се вгради во едно дело, во една голема и сложена духовна градба, кога знае дека се што напишал е полеано со небесна светкавица од искреност и крвоточност, тогаш ја допира и сопствената смисла за постоењето. Ја сознал смислата на земната животната врвица што ја изодува.“

Наградата го носи името на Григор Прличев. Тоа обврзува. За односот кон Григор Прличев и кон возобновената поемска традиција во негова чест, Бакевски вели: „Ех, Григор Прличев? Нашиот поетски и човечки златоврв. Сите ние упорито патуваме кон тој врв. Но, тешко е до него да се дојде. Уште п��тешко е да се дофати, да се достигне. Тоа е голем проблесок на духот. Голема небесна, божја молскавица. И добро е што е така. Добро е, оти тоа ни е, нам, на сите постпрличеви поколенија, голем божји дар. Замислете да немате пред вас големи предци. Да немате големи духовни рожби. Замислете пред вас се да е испустено, пеплосано, затемнето, бурјосано и пропаднато во бездните на ништоверноста. Секој Македонец е задоен со „Сердарот“. Таа поема е пикната во колепките на нашите македонски раѓања. И нема ништо потрајно и повеличествено од една таква рожба. Почитта доаѓа од силните чувства. Прличев ги погоди македонските чувства. Постојано ги држи потпалени, возвеличени, пркосни. Секој поет и секоја поетска генерација се должни да му се оддолжуваат на Прличев. Ете, во сплет на разни животни и работни околности, пред многу години, се случи да учествувам во иницијативноста за возобновување на поемскиот конкурс во чест на Григор Прличев. И таа идеја успеа. И добро е што е така, оти покажавме зрел однос кон него. Поттикнавме творечки натпревар по мострата на неговата ѕвездена патека на животот. Па, еве дојде и мигот да ја потврдам и мојата лична животна верба во поезијата. Да го поздравам Прличев како пријател кој ме прифати во неговите прегратки на потврдени и признати вредности.


Статијата е прочитана 146 пати.

Испрати коментар

Од: G
Датум: 22.09.2008 02:13:55
Dobro ke bide ako Utrinski ja objavi negovata poema.
Од: Kocin-Sydney
Датум: 22.09.2008 08:04:06
Chestitki za golemata zasluzena nagrada g. Bakeski. I nie vashite isltomislenici i tvorci koi go nosime so gordost toa sveto ime na golemiot Grigor Prlichev, a sme daleku od tatkovskoto ognishte sme so Vas i se gordeeme so takvite dela i poeti kako vas. Ubavo bi bilo da ja imame pri raka taa "Atlantida" zatoa shto sakale ili ne i nie sme del od toa delo!!!

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Култура
Прв концерт на класична музика во Пустец
Театарот „Акхе“ од Русија гостува на МОТ
Катица Ќулавкова избрана за потпретседател на Меѓународниот ПЕН
Моќното подводие на идентитетот
„Подарок за Скопје“ од Прокредит банка
Оргулите пристигнуваат во ноември во Скопје