АРМ во подготовка за борбена група на ЕУ
Македонија како придонес на политиката на европска безбедност и одбрана почна со подготовки за учество во борбената група на ЕУ за 2012 година, заедно со уште неколку држави, под водство на Германија. Не станува збор за нови единици од АРМ, туку дел од персоналот што ќе се приклучи на оваа борбена група е од составот на декларираните сили согласно со НАТО-стандардите. Ова вчера го соопшти началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Мирослав Стојановски, на прес-конференцијата по средбата со генералниот инспектор на Бундесверот, генерал Волфганг Шнајдерхан, кој ја предводи делегацијата на вооружените сили на Германија.
„Понудивме листа на единици кои се на список на декларирани сили за учество во мисии надвор од Македонија и кога ќе се договориме која држава со кои единици ќе учествува, тогаш ќе се разговара и за содржината и задачите на ангажманот“, нагласи Стојановски. „Македонија како мала земја има огромен број војници во мировните мисии. Предвидени се околу 220 да учествуваат во мисиите во Авганистан, а тоа претставува огромна бројка со оглед на популацијата на земјата. Доколку Македонија има предлог за зголемување на тој број, со задоволство ќе ја прифатиме“, одговори Шнајдерхан на новинарско прашање. (МИА) |