Комитетот за здравство - параван за приватизација на болниците
На поткомитетите се промовираат готови решенија, за кои се добива впечаток дека се решенија на Владата
Јасмина Јовановска
Комитетот за унапредување на здравството е само параван за тоа како полесно и без врева да се протурка идејата на Владата за приватизација на болниците, да се намали пакетот здравствени услуги и за другите реформи во здравството. Вакви се коментарите меѓу лекарите и другите членови на поткомитетите, кои минатата седмица беа формирани и кои ќе работат на проблемите од разни сектори во здравството. Во однос на тоа кој модел на приватизација ќе биде прифатен - дали воведување на јавно-приватно партнерство или, пак, болниците ќе се прават акционерски друштва, се' уште само се испипува пулсот и кај пациентите и кај лекарите. Но, затоа, пак, на седниците на поткомитетите велат добро упатени извори од Комитетот, нема а да не се спомне дека е потребна приватизација на болничкиот сектор или дека пакетот треба да се направи според тоа колку пари се слеваат во здравствената каса. Се промовираат готови решенија, за кои се добива впечаток дека се решенија на Владата, а Комитетот е само нејзина продолжена рака.
„Само се посочуваат идеи за тоа што би требало да се прави во здравството, од тоа дали е потребно бесплатно здравство или не, до тоа како извори на финансирање треба да има здравството“, велат членовите на комитетите кои не сакаат јавно да зборуваат. Како главен промотор на идеите, како што велат извори од Комитетот, се јавува економскиот експерт Сем Вакнин, кој е негов консултант. Иако се зборуваше дека Вакнин на Министерството за здравство ќе му дели бесплатни совети за реформи во здравството, сепак, се' уште никој не го видел договорот со кој тој се откажува од хонорарот.
Како извори на финансирање на здравството на седниците на комитетите биле наведени повеќе модели. Но, најмногу се посочуваат трите модели, буџетско финансирање на здравството, да остане државниот здравствен фонд со здравствените придонеси, да има дополнително здравствено осигурување, или, пак, сите три модели да се комбинираат. Било поставено прашањето и дали воопшто да има бесплатно здравство, за кое, за да се расчисти дилемата, еден од членовите предложил - како што може да се прави референдум за името на државата, така треба да се направи и референдум за тоа какво здравство треба да имаме.
Од Министерството за здравство демантираат дека Комитетот за унапредување на здравството е параван за реформите, кои Владата замислила да ги спроведе во македонското здравство.
„Нема однапред познато решение. Процесот е јавен и отворен. Агендата за работата на Комитетот ја имаат одредено самите негови членови, кои се претставници на лекарите, на пациентите, но и на сите инволвирани страни“, изјави за „Утрински весник“ министерот за здравство, Бујар Османи. Тој тврди дека Комитетот нема скриена агенда. „Барем јас, како претседател на Комитетот, немам. Но, некој и да има, Комитетот, сепак, има воспоставено такви механизми така што е невозможно да се диригира. Процесот е уникатен и без преседан“, додава Османи, кој смета дека е нормално на почетокот да се јавуваат вакви сомневања кај членовите.
До крајот на септември сите комитетите треба да ги дефинираат приоритетите во своите области, кои ќе бидат спакувани во т.н. „зелена книга“. |