Критики до Груевски што го повикал на разговор претседателот на Апелација
Според невладината „Сите за правично судење“, станува збор за притисок врз судската власт
Невладината коалиција „Сите за правично судење“ со осуда за премиерот Никола Груевски, кој неодамна го повика на разговор претседателот на Апелациониот суд, Јован Митриновски. Според нив, тоа априори би претставувало притисок врз судската власт. Велат дека досега во документацијата што ја поседуваат и од досегашната практика немало случај судија да оди на разговор кај извршната власт. Особено не од највисоката функција премиер на влада.
„По она што ние го имаме како документација и досегашна работа, претходно немало случај во тој сегмент. Не успеавме да најдеме податок во европската и во судската практика, кога судија оди на разговор кај извршната власт“, вели Аница Томшиќ од коалицијата.
Поголема координација на работата на судовите и на другите институции, посебни буџети за обесштетување на жртвите, недоволна техничка опременост на судовите и подетаљно и темелно запознавање со новиот закон за кривична постапка, се генералните заклучоци од одржаните шест тркалезни маси во рамките на проектот „Јакнење на улогата на судството во борба против организираниот криминал во РМ“, соопштија вчера од „Сите за правично судење“. Во период од неколку години, велат од коалицијата, извршен е мониторинг на повеќе од 500 сослушувања на 75 случаи за трговија со луѓе.
Анета Арнаудовска, директорка на Агенцијата за обука на судии и јавни обвинители, со чија соработка биле одржани тркалезните маси, рече дека цел на проектот е да се зајакнат способностите на судиите и на јавните обвинители.
Во подготовка е новиот закон за кривична постапка, најави Буштреска, во кој ќе има некои значајни измени.
„Очигледно е дека е потребно подетаљно и потемелно запознавање со новиот закон за кривична постапка и во таа насока, задоволство ми е, донекаде, да кажам дека токму по препорака на коалицијата се направени некои измени во новиот закон, кој е во подготовка, и токму овие работилници или тркалезни маси што ги спроведуваме се во насока на запознавање и продлабочување на знаењата на обвинителите и на судиите, поврзани со законот“, рече Буштреска.
Буштреска истакна дека е потребно формирање посебен буџет за обесштетување на жртвите. И покрај пресудата во корист на жртвите, сепак, за нив не постои или не се реализира никакво обесштетување, затоа што, како што велат, во Македонија речиси и да не се одзема, не се конфискува имотот на пр��кршителот, со кое би се обезбедиле пари за обесштетување. Таа рече дека на работилниците не се разговарало дали има политичко влијание врз судиите. (Нетпрес) |