И дерби и голем празник нa ракoметот
Попладнево се игра првиот од четирите меча што ќе решаваат за титулата меѓу Металург и Вардар про
Миодраг Мицковиќ
Последниве години кога играат Металург и Вардар про тоа е вистински ракометен празник за Македонија. И не е чудно што е така, бидејќи овие две екипи според квалитетот на играчкиот кадар со кој располагаат, далеку отскокнуваат од сите екипи во нашата држава и меѓу нив секогаш се бара шампионот, бидејќи никој друг и не може да конкурира.
Колку е големо интересирањето за денешниот нивни прв меѓусебен меч од четирите вкупно што ќе ги одиграат во новиот шампионат, говори и податокот дека сите билети во салата Автокоманда се распродадени.
Во изминатата сезона во тие четири одиграни средби, плус една во финалето на Купот, бидејќи и во ова финале само тие играат „металурзите“ беа поуспешни - три победи, еден пораз и една нерешена игра со освоени две круни, шампионската и титулата во Купот.
Дали таа традиција на успешните игри на Металург ќе продолжи останува да видиме. Неоспорно дека Металург има најсилна екипа во Македонија, тој е клуб на репрезентативци предводени од Наумче Мојсовски, Филип Миркуловски, Алушевски, двајцата голмани Ангелов и Митревски, Ванчо Димовски, Ѓоргоновски, тука се и Миљак, Чурувија, Ракчевиќ, Жмигиќ... Екипа за почит, но, сепак, тешко е да се каже колку Металург е фаворит во овој прв меч. Не треба да се заборави дека Вардар Про посебно ја има засилено својата екипа за новата сезона, со поранешните членови на Металург, голманот Борко Ристевски и Чентурија, тука се и Србите Драгановиќ, Јокиќ, Надовеза, потоа ракометарите од Црна Гора, Симовиќ, Пејовиќ и Грбовиќ, Чехот Резничек, така што љубителите на ракометот попладнево ќе имаат можност да ги видат на паркетот најдобрите ракометари, кои моментно играат во Македонија.
- За мене и за сите овие мечеви меѓу Металург и Вардар Про е навистина празник на ракометот, мечеви во кои нема изразити фаворити, иако Металург, со оглед на квалитетот што со кој моментно располага е поблиску до победата бидејќи неговите играчи веќе долго време играат заедно. Вардар Про почна да создава една нова екипа, ќе ни биде потребно малку повеќе време да се уиграат сите нови играчи, но тоа не значи дека ние однапред ќе се предадеме во Автокоманда. Сигурен сум дека гледачите ќе имаат што да видат бидејќи ова е најдоброто што го има ракометот во Македонија.
Наумче Мојсовски, кој долго време го носеше дресот на Вардар, со нетрпение го очекува натпреварот со својот поранешен тим: „Секогаш е задоволство да се игра против Вардар про, тоа е вистинскиот ракомет, сите други средби во Супер лигата ми наликуваат како тренинг. Вардар е многу засилен, во неговите редови играат повеќе репрезентативци на Србија и Црна Гора и тоа е мотив повеќе за нас. Но, без оглед на тоа Вардар секогаш не' инспирира да прикажеме добра игра. Верувам во нашата победа, формата ни е во подем што се покажа и на мечот со БГК од Белорусија во Купот на ЕХФ“.
Оваа средба привлекува и особено внимание поради фактот што во летниот преоден рок од Вардар Про во Металург дојдоа Ангелов, Митревски, Марковски, Златко Мојсовски, Алушевски, минатата година Наумче Мојсовски, и Ракчевиќ го носеше дресот на Вардар Про. Од друга страна, голманот Борко Ристевски и Чентурија кои играа за Металург, стари клупски колеги, сега ќе се најдат едни против други. Ќе биде навистина возбудливо и интересно. |