Европскиот клупски куп без Алкалоид
Македонскиот екипен шах во Пловдив ќе го претставува Гамбит Асеко
Роберт Димитриевски
Шаховскиот првак на Македонија, Алкалоид, по подолго време нема да биде дел од Европскиот клупски куп, чиешто 26. издание е закажано за 17 до 23 октомври во бугарскиот град Пловдив. На турнирот со 49 екипи со по шест играчи во секој меч, кои ќе се натпреваруваат во седум кола за вкупен награден фонд од 34.000 евра, од кои 10.000 за шампионот, ќе го претставува Гамбит Асеко.
„Клупска политика“, објаснува претставничката за односи со јавност на ШК Алкалоид, Лидија Софревска. „Минатата година составивме максимално силна екипа, бидејќи ЕКК се играше во Македонија. Годинава решивме средствата да ги насочиме кон младинскиот шах и за таа цел ги ангажиравме Богдановски, Стојановски и Јаќимовиќ во Скопје, како и Коскоска во Струга и Недев во Неготино, да работат со млади и талентирани шахисти. Ќе правиме се' што можеме за ��а го кренеме нивото на шахот во Македонија“.
Тимот од соништата на „фармацевтите“, предводен од Азербејџанецот Шахријар Мамедјаров, лани во хотелот „Десарет“ во Охрид го освои 11 место меѓу 54 екипи, откако во последното коло испушти бронзен медал. Годинава Мамедјаров (2756) ќе игра за азербејџанскиот првак Сокар, кој со просечниот рејтинг на екипата од 2737 поени е прв фаворит за титулата што ќе ја брани рускиот Економист од Саратов. Пред актуелниот европски шампион, кој со 2702 е четврти на стартната табела, се и Москва (2713) и Санкт Петербург (2711).
Гамбит Асеко е рангиран на 26 место со својот просечен рејтинг 2395. На првата табла ќе игра единствениот странец, бугарскиот велемајстор Борис Чаталбашев (2606). За преостанатите пет табли се пријавени интермајсторите Марјан Митков (2392) и Орце Данчевски 2402), како и ФИДЕ-мајсторите Зоран Стојчевски (2355), Оливер Органџиев (2321) и Љубиша Андоновски (2295) по тој редослед. Резерва е ФМ Љубомир Илиќ (2222).
На 26. ЕКК во Пловдив ќе настапат 135 велемајстори.
Деветмина на СП за јуниори
Пет момчиња и четири девојчиња ќе ја претставуваат Македонија на Светското јуниорско првенство во шах што ќе се одржи од 20 до 31 октомври во Порто Карас, Грција. Во машка конкуренција ќе настапат Тони Лазов во категоријата до 10 години, Александар Константинов (12), Кренар Таири (14), Игор Петровски (16) и Михаил Таушанов (18). Женскиот дел од селекцијата го сочинуваат Симона Лакинска (12), Драгана Николовска (14), Бојана Бејатовиќ (16) и Моника Стојковска (18). Последните три беа дел од македонската репрезентација на неодамнешната Шаховска олимпијада во Ханти Мансијск.
Македонската експедиција во Грција ќе ја предводи велемајсторот Драгољуб Јаќимовиќ. |