Уште едно збогум
Македонската фудбалери ги загубија шансите да играат барем во баражот за Европското првенство
Сашко Ѓ. Димовски
Македонија рано завршува уште еден квалификациски циклус за Европско или Светско првенство. Амбициите дека ќе напаѓаме една од двете позиции во групата кои обезбедуваат директен пласман во Полска и Украина или бараж паднаа во вода по само две квалификациски серии. Кикснавме во септемвриската (пораз во Братислава од Словачка и реми дома со Ерменија), не успеавме да се коригираме во октомвриската (победа над аутсајдерот Андора над кого сите очекуваат три бода во групата и пораз од Русија).
Четирите меча не' вратија во реалноста од која се обидовме да избегаме. Се залетавме дека годината ќе ја завршиме со солидно бодовно конто (однапред планиравме шест бода против Ерменија и Андора и макар една победа или реми во дуелите со Словачка и Русија) за поконкурентни да ја дочекаме 2011 година. Но, како што во една прилика изјави прославениот Дејан Савичевиќ, , најтешко е да се победи во однапред добиен натпревар.
Оптимизмот дека не е се' завршено е присутен уште кај селекторот Мирсад Јонуз. Но, тој сака да верува во невозможното и да се фаќа за секоја сламка што значи спас. Било каква математика врзана за речиси сите победи до крајот не е природна наука, туку метафизика. Спортски е некој да се надева на тоа меѓутоа реалноста е поинаква. Од завчера сите треба да се помириме со неа. Така е подобро за сите.
Она што ни е потребно е ретерирање во ставовите и очекувањата и да одиме постепено од меч во меч и да не се занесуваме дека ние сме дел од континенталната и планетарна елита секогаш сме биле далеку од неа. Треба да сфатиме дека фудбал денеска играат сите, ама ние како да се оддалечуваме од тие „сите“. Го видовме тоа во неколку продукции. Белорусија славеше во Франција со 1:0, Азербејџан против Турција со 1:0, Кипар ремизира во Португалија (4:4), Естонија ја победи Србија во Белград со 3:1, Луксембург издржа на 0:0 со Белорусите, селекцијата на Фарски Острови ремизира со Северна Ирска.
Една народна вели: „Пушти си ги нозете колку што е долга чергата“. Нашата е кратка ама нозете ни излегуваат од нејзини рамки. Тука мислеме и на оние на Јонуз, кој откако ги изанализира противниците ни кажа дека второто место само што не сме го освоиле.
Притисокот што се создава дека мора да се успее носи контраефект. Нашата фудбалска репрезентација покажа дека може да игра и со далеку посилни од себе кога е растоварена. Но и кога противниците се растоварени па не се во резултатски грч. Фудбалерите тоа го покажаа во седумте пријателски мечеви од август 2008 до август 2009. Не загубија ниту еден, одиграа одлични 90 минути против Шпанија во Скопје, во јуни ја победивме и Романија на неутрален терен.
Но, кога игра под притисок на резултат, бодови, пласман, сликата е дијаметрално спротивна без разлика кој е селектор, кој бира играчи, кој поставува тактика. Затоа треба да се размислува и за ангажирање на психолог кој ќе работи за нашите репрезентативци за надминување на психолошките бариери. Од друга страна потребна е и безрезервна поддршка за момците затоа што, без сомнение, и тие најмногу од се сакаат успех и пласман на ЕП или СП.
Тоа беше едно од првите барања на македонскиот ексселектор, Среќко Катанец, кој на ретките брифинзи со новинарите и речиси на секоја прес-конференција апелираше: „Немојте да им свирите на играчите кога погрешно ќе додадат или ќе загубат топка. Тоа е лесно да се направи од трибина, но тој што не бил фудбалер не знае како делува тоа врз оној што е на терен“. |