Формула 1 се' поблиску до Русија
Путин одобри изградба на патека во Сочи, а Еклстоун вети трка во 2014 година
Русија прави нов обид да ја донесе Формула 1 во Сочи, а првиот човек на овој спорт Берни Еклстоун се согласи првата трка да се одржи во 2014, истата година кога градот на Црно Море ќе биде домаќин на Зимските олимписки игри. Рускиот премиер Владимир Путин, чијашто поддршка беше клучна за Сочи да го добие правото за организација на ЗОИ, денеска во овој град треба да го потпише договорот за почеток на изградбата на новата патека вредна 200 милиони долари. Еклстоун им изјави на локалните медиуми дека по неколку рунди преговори со руските власти биле договорени условите за договорот.
„Документот се' уште не е потпишан, но кога соодветната личност од Русија ќе го стори тоа, јас ќе го потпишам веќе наредниот ден“, изјави Еклстоун за дневниот лист „Комерсант“. Тој дополни дека годишната котизација што Русија ќе треба да ја плати за организирање гран-при ќе биде околу 40 милиони долари, колку што платија домаќините на новите трки во Сингапур и во Абу Даби.
Сепак, вљубениците во трките не треба да брзаат да ги резервираат своите влезници, имајќи предвид дека Еклстоун објави нешто слично и во 2002 година за предложеното гран-при во Москва. На 22 март таа година сега веќе поранешниот градоначалник Јуриј Лушков и шефот на Ф1 требаше да склучат договор, за што голем број новинари дојдоа во Градската куќа за да го овековечат историскиот момент. Но, договорот пропадна во последен момент откако двете страни не успеаја да ги усогласат финансиските услови.
„Тие сакаат да го соберат целиот профит, а нас да не' остават да ги платиме сите трошоци и да останеме среќни со мирисот на нафта“, изјави Лушков, кој неодамна беше сменет од претседателот Дмитриј Медведев.
Проектот за донесување на Формула 1 на целосно нова патека во Олимпискиот парк во Сочи го постави и прашањето како Русија, која не организира ниту една важна трка, ќе се справи со предизвикот да биде домаќин на најголем можен настан од мотоспортот.
„Организирање Ф1трка во Русија во постоечките услови е чиста утопија“, коментира рускиот возач во Формула 2, Иван Самарин. „Ние би требало да изградиме неколку патеки на кои ќе се организираат трки за домашното првенство пред да почнеме со изградба на патека за Формула 1“.
Самарин додава дека Русија треба и да си го смени својот менталитет и да престане да очекува профит веднаш од инвестирањето во проектот.
„Изградбата на тркачка патека е инвестирање во иднината“, вели тој. „Организирањето трка во Формула 1 го зголемува имиџот на целата држава и привлекува армија туристи подготвени да платат за шоуто. Но, инвеститорите треба да бидат подготвени да чекаат со години пред нивните инвестиции да почнат да создаваат профит“.
Русија во моментов има еден Ф1-возач, Виталиј Петров, кој годинава вози за Рено. |