Индустријата тоне, тоне...
Ако се задржат негативните трендови во индустријата, прогнозите за раст на БДП за годинава нема да се остварат
Александрија Стевковска
Индустријата никако да пркне. Првите три месеци од годинава бележат негатива на индустриското производство, од кои во вториот и во третиот месец минусот е прилично голем. Според Статистика, падот на индустријата во март надминал 11 проценти, во февруари тој пад бил 13 отсто, а во јануари 2,2 отсто. Овие негативни показатели за индустријата, што е водечки елемент во оформувањето на домашниот бруто-производ, повеќе од јасно илустрираат дека кризата се' уште ја држи македонската економија на стаклени нозе. Доколку се задржат негативните трендови во индустријата, прогнозите за раст на БДП за годинава најверојатно нема да се остварат.
„Ние и не очекувавме поинакви и пооптимистички резултати за движењата во индустријата, бидејќи нема никакви подобрувања во секторите што таа ги покрива. Овие месеци имаше позитивно раздвижување во некои сегменти во индустријата, но тие се минорни, па во глобала состојбата е статус кво. Не се бележат ниту подобрувања ниту влошувања во индустриските сектори“ , вели Пеце Ристовски, претседател на Синдикатот за индустрија и металургија при ССМ. Според него, речиси не може да се очекуваат позитивни резултати во индустријата. „Кај помалите фирми се очекува подобрување на работењето, но не и кај големите. Кризата кај нас дојде подоцна и се' уште се чувствува и ги држи големите фирми на нула, што не дава надеж за нивно скоро испливување и подобрување на индексите на индустријата“, додава Ристовски.
Падот на индустријата го става во прашање остварувањето на владината, но и проекцијата на ММФ за раст на БДП годинава од два отсто. Коментар за ова побаравме од Министерството за финансии, но оттаму не добивме одговор дали тримесечниот пад на индустриското производство годинава ќе доведе до ревизија на бројката на раст на македонската економија.
Наспроти податоците за се' уште присутниот пад на производството, Владата во неколку наврати тврдеше дека кризата е зад нас и оти се очекува пораст на производството. Викендов премиерот Никола Груевски изрази верување дека по завршувањето на економската криза, земјата ќе се врати на старите патеки на висок економски раст, како во 2007 и во 2008 година, кога имаше највисок раст на економијата, многу странски директни инвестиции и зголемување на извозот за 60 отсто, но не прецизираше кога очекува кризата да заврши.
Според податоците, рударството, металната и преработувачката индустрија се најголеми губитници во првите три месеци од годинава. Во овие гранки беа регистрирани и најголемите отпуштања на работници. Експертите наведуваат неколку клучни причини поради кои се намалува производството. Како една од главните се' уште е ниската потрошувачка, поради неизвесноста кај граѓаните и кај инвеститорите. Освен ова, за намалување на производството придонесуваат и намалената кредитна активност на банките и се' уште високите камати. Според нив, евентуално зголемување на производството може да се очекува дури во втората половина од годинава.
Министерот за економија, пак, Фатмир Бесими очекува во текот на годинава полека, но стабилно да се подобри економската состојба и покрај падот на индустријата. „Ова ќе биде година на закрепнување на стопанството од кризата во 2009 година и нема да биде лесно, но, сепак, продолжуваме со активностите за поддржување на економските активности. Има знаци на подобрување на состојбата, а тоа може да се согледа и преку релаксирањето на монетарната политика и најавите од НБРМ за уште едно олабавување, што е знак за одржана стабилност и релаксирање на економските политики“, изјави Бесими. Тој посочи дека се подобрува и трендот на светските берзи на метали каде што цените одат нагоре што е позитивно за македонската индустрија.
Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавци, пак, смета дека падот на индустриското производство во изминатите три месеци се должи на реструктуирањето на владите во соседството кон своето производство, поради што е намален извозот на македонски производи. |