Грција е банкрот - ЕУ мора брзо да дејствува
„Стандард и Пурс“ ја намали кредитоспособноста на Грција на нивото „безвредна“
Грција е банкрот. Откако бонитетската куќа „Стандард и Пурс“ го спушти рејтингот на грчките државни обврзници на статусот „џанк“, односно во превод „безвредни“ или „отпад“, Грција веќе не може да добива кредити по поволни услови од слободниот пазар на капитал. Како што пишува „Дојче веле“, ако на 19 мај во грчката каса нема кредити во висина од 8,5 милијарди евра на земјата и' се заканува инсолвентност.
Намалувањето на рејтингот значи дека Атина ќе плаќа повеќе камати за своите заеми, доколку одлучи повторно да излезе на должничките пазари. „Намалувањето е резултат на новата оценка за политичките, економските и за буџетски предизвици, пред кои е исправена грчката влада во напорите да ја надмине кризата со долговите“, посочи аналитичарот на „Стандард и Пурс“, Марко Мршник.
Сега мора да помагаат Меѓународниот монетарен фонд и Европската унија, сакале или не, да обезбедат доволно пари за Атина. Канцеларката Ангела Меркел може да заборави на својот воздржан став. Неединството меѓу германските министри и парламентарци околу темата Грција само уште повеќе го поттикна надолниот тренд.
Инвеститорите се сомневаа дали и кога ЕУ ќе помогне со кредити. Потоа се' се одвиваше исклучително брзо. Рејтинг агенцијата „Стандард и Пурс“ само по 24 часа ја прогласи Грција за отпишана и безобразно ја нарече „безвредна“. А Грција беше само првата плочка од доминото. Следната веќе почнува да се ниша. Кредитоспособноста на Португалија, исто така, опадна. Малата земја е притисната од големи долгови.
Уште во текот на оваа седмица мора да се одржи вонреден самит на шефовите на држави и на влади на земјите-членки на ЕУ за на пазарите да им се покаже „нема да дозволиме нефер напади од страна на инвеститорите, хеџ-фондовите и бонитетските куќи“. Европа не смее веќе да дозволува финансиските пазари да ја „возат како што сакаат“, туку мора да преземе нешто. Во случајот со Грција може да помогне само рефинансирање, односно контролиран банкрот, во кој ќе се вклучат сите што имаат купено грчки државни обврзници и досега заработуваа од нив. Приватните и државните банки, инвеститорите и хеџ-фондовите ќе мора да се откажат од дел од влоговите во големиот грчки рулет. Можеби ова ќе придонесе за банкрот на банки во Германија и во Франција.
Вистински лек сега би било кога европските држави и Европската централна банка значително би откупиле грчки и португалски државни обврзници, само за да ги замолчат шпекулантите. Ова не е дозволено со договорот на ЕУ, меѓутоа, неговите креатори пред 15 години не можеле да предвидат ваква ситуација. Договорите може да се менуваат. Европа е судбинска заедница, што не смее да се распадне, коментира „Дојче веле“.
Веднаш по извештајот на „Стандард и Пурс“ вчера каматите на грчките државни обврзници со рок на доспевање од десет години се зголемија на 10,131 процент, случај што е без преседан во земја од еврозоната. Каматите на двегодишните државни обврзници достигнаа 17,94 проценти.
Инаку, преголем е ризикот по Грција, во амбис да биде повлечена и Португалија.
„Фајненшл тајмс“, пак, пишуваше дека ММФ планира да деблокира уште десет милијарди евра во рамки на помошта за Грција, што ќе бидат дополнителни средства на веќе ветените 15 милијарди евра.
(Според агенциите) |