Инвеститорите не сакаат да ги учат политичарите
Странците и' порачаа на Владата дека сакаат да бидат сигурни во политиките на една земја
Соња Маџовска
Странските инвеститори не доаѓаат во земја во која треба да ги учат политичарите, каква бизнис-клима треба допрва да градат, какви закони и прописи да носат, за странските компании да ги вложуваат парите кај нив. Затоа Македонија заостанува зад сите други земји од Централна и од Источна Европа, по влез на странски директни инвестициии, истакнаа на вчерашната дебата домашните и странските бизнисмени, но и експерти што работат во земјава.
Инвеститорите и' порачаа на Владата дека сакаат да бидат сигурни во политиките на една земја. „Ако има закани за избори на секои 6 месеци, тоа не е добар сигнал. Македонија е навистина мала земја, но политичарите, па и граѓаните мора да си ги признаат очекувањата. Мора да бидете реални со бројките што се остварливи и тие да бидат вградени во една национална стратегија. Во овие три години колку што работиме во Македонија, немам видено реална економска стратегија. Нема ниту тело што ќе ги води политиките. Македонија има добра фискална политика, слободни економски зони, но нема стратегија. Што, всушност, сакате да привлечете, каков тип инвестиции. Македонија има потенцијал во рударството, туризмот, земјоделството, енергијата. Воопшто не е пријатна сликата кога ќе се види дека енергетските проекти се даваат на тендер петпати едноподруго. Па, не вреди да се доаѓа, каква порака испраќате со тоа. Ако се потценуваат инвеститорите, тие ќе си заминат“, предупреди на вчерашната дебата Ентони Николопулос, извршниот директор на „Титан“, цементарницата „Усје“. Според него, најважно за инвеститорот е да има мир и безбедност, политичка стабилност, мерлива и отворена економија и функционално бизнис-опкружување. „Во Македонија има мир и стабилност, но има и многу отворени прашања, едно од нив е и со мојата земја. Штом Македонија ги реши овие отворени прашања и се приближи кон ЕУ и кон НАТО, ќе прати позитивен сигнал за странските инвеститори“, вели Николопулос. Тој го раскажа искуството на „Титан“, кога од Албанија пред неколку години биле избркани со пушки. Но, само неколку години подоцна, оваа соседна земја не' надмина.
„Недостасува дебата за да се стигне до националната стратегија и да се знае што е тоа што ќе поддржи Македонија и кои сектори ќе ги фаворизираат. Нема дијалог за да се стигне до тоа“, вели бизнимснот Светозар Јаневски.
Домашните бизнисмени особено се противат на идејата за ревизија на приватизацијата. Според нив, лошо ќе биде доколку се отворат приватизациите на фирмите, кои, всушност, работат до ден денес и тоа успешно, за разлика од големиот број компании што беа приватизирани и сега не работат. „Од 1.800 фирми, 1.300 се мртви, што значи дека само 500 работат успешно“, вели Јаневски. Според бизнисменот Трифун Костовски, тоа значи дека ќе се прави приватизација на фирми што опстоиле. Тој смета дека земјава нема човечки ресурси што ќе ја водат земјата напред. „Се прават и економски зони, а не се знае што сакаме да дојде во нив. Оставаме инвеститорите сами да решат што ќе градат. Владеењето на правото и законот во Македонија е мислена именка. А токму нерешените законски прашања, нетранспарентните тендери, нерешените судски постапки и политичката клима се причините за недоаѓањето на странските инвеститори. Без програма и системски промени, инвестициите ќе останат само пуста желба. Се планираат за годинава 410 милиони евра СДИ, а до 2013 година 720 милиони евра, но за ова ни треба скок напред“, вели Костовски. Според експертите, секоја земја се бори за малиот број инвеститори што би сакале да инвестираат во овој регион. „Дури 85 отсто од инвеститорите се насочуваат во развиените земји. Тие не сакаат да избираат бизнис-клима во која треба да ги учат политичарите какви закони и прописи треба да носат. Политичката нестабилност е најголемиот ризик. Кај нас изборната кампања трае 4 години. Исто така, и ревизијата на приватизацијата е многу опасна, тоа ја прави сопственоста несигурна“, вели професорот Мирољуб Шукаров.
Поранешниот министер за привлекување странски инвестиции, Глигор Ташковиќ, кој е во земјава, вели дека има увид во ситуацијата со странски инвестиции, но не сака да коментира јавно. „Според мене, персоналот треба да биде повеќе на располагање за решавање на проблемите. Зборувам за работа со инвеститорите чекор по чекор низ системот, помагајќи им да ги остварат нивните цели“, вели Ташковиќ. |