Бакојани: Ова е последната грчка влада без коалиции
Миркица Поповиќ
Поранешната министерка за надворешни работи и несуден лидер на опозициската Нова демократија, Дора Бакојани, викендов го најави официјализирањето на нејзината нова партија. Партијата на Бакојани се подготвува веќе неколку месеци, а официјално поранешната шефица на грчката дипломатија и десна рака на Костас Караманлис во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ најави дека партијата ќе почне да функционира за еден месец, односно 21 ноември.
Според изјавите во интервјуто, Бакојани не планира нејзината нова партија да биде во постојана опозиција, туку да биде владин партнер. „Сакаме да формираме поинаква политичка опција според концептот, организацијата, партија во која навистина ќе владее демократија и која ќе претставува одредена идеологија, која моментно не е претставена на политичката сцена во државата“, истакнува Бакојани во интервјуто, коментирајќи дека нејзината партија ќе го избегне досегашниот концепт на грчките партии. Негира дека партијата ја прави од огорченост или од личен каприц поради тивкото протерување од нејзината долгогодишна партија Нова демократија од страна на сегашниот лидер Адонис Самарас.
Наследничката на политичката династија Мицотакис, за која многумина не ��ожеа да поверуваат дека го изгуби лидерското столче од Самарас по поразот на Нова демократија на минатогодишните избори, тврди дека на грчката политичка сцена каде што се вкоренети популизмот и демагогијата и се потребни освежувања и промени. „Од една страна, владата на ПАСОК е несоодветна и не одговара на условите во државата, а од друга страна, Нова демократија се води од опсесиите и догмите на еден ултрадесничар, чии ставови се анти ЕУ. Двете партии се раководат по популистичка логика. Сметам дека големите кризи се решаваат со големи промени, а не со вообичаени, веќе видени сценарија или исплашени чекори напред, немој да мислите дека оваа криза нема да има влијание на политичката сцена во Грција. Затоа сметам дека оваа влада на Јоргос Папандреу е последната еднопартиска влада без коалиција во Грција“, смета Бакојани.
Нејзината прогноза и најава за големи промени во грчката политика доаѓа во критично време за локалните избори во Грција. Иако двајцата лидери, Папандреу и Самарас, водат битка со меѓусебни обвинувања на собирите низ грчките градови, не може да не се забележи нивната загриженост за неизвесноста од исходот на изборите поради разочараноста на граѓаните од политиката на двете водечки партии. Истражувањето објавено во „То вима“ за односот на гласачите кон партиите покажува дека граѓаните се незаинтересирани и поради тоа постои голема можност за бојкот на изборите. |