Во затворите на НАТО во Авганистан умираат луѓе
КАБУЛ – Затвореник, кој го држеа силите на НАТО во Авганистан, е пронајден мртов во ќелијата и во тек е истрага, соопштија вчера силите. Лицето било заробено за време на воена операција на ИСАФ во саботата и било „пронајдено мртво“ следниот ден во ќелијата во провинцијата Кандахар, соопшти ИСАФ. Не се откриваат други детали.
Злоупотребата и смртните случаи на затворениците од страна на странските сили е чувствителна работа за многу Авганистанци, откако американските сили во 2002 година претепаа до смрт двајца затвореници во стариот затвор во воздухопловната американска база во Баграм, северно од Кабул.
Овој затвор, кој е отворен за да ги згрижи затворениците од кампањата против талибанците по 11-септемвриските напади, во почетокот од оваа година беше заменет со затвор, кој чинеше 60 милиони долари, исто така, во воздухопловната база „Баграм“, за кој Вашингтон посочи дека ги исполнува меѓународните стандарди.
Во саботата, во извештајот од истражувачкиот центар Фондација отворено општество со седиште во САД се соопштува дека поранешни затвореници чувани во тајниот американски затвор во Баграм, одделно од главниот затвор, пријавиле злоупотреба од страна на американската армија. Поранешните затвореници во извештајот наведув��ат дека стражарите ги малтретирале со тоа што ги лишувале од природна светлина, не им давале доволно храна и ги задржувале посетите на Црвениот крст. Во почетокот од оваа година имаше околу 1.000 затвореници, кои се наоѓаат во затворските центри на странска армија во Авганистан, а повеќе од 800 од нив во главниот затвор во Баграм. (Ројтерс)
|