Со „Хаиер“ допрва ќе се преговара за фабриката
Во октомври доаѓа преговарачкиот тим на компанијата, а неизвесно е кога ќе стартува проектот
Маја Томиќ
Дали има шанси последната најавена инвестиција на „Хаиер“ во зоната „Бунарџик“ да се реализира или, пак, и таа ќе остане во купчето веќе подзаборавени странски компании што закочија во фазата на меморандуми за инвестирање. Откако во јули годинава кинеската „Хаиер“ го раскина партнерството со јужнокорејската „Тривју“ за инвестирање во „Бунарџик“, од компанијата информираа дека продолжуваат сами, односно дека не се откажуваат од проектот.
Ниту тогаш ниту во изминатите два месеца не беше кажано нешто поконкретно, кога и како се стартува со реализација на инвестиција, а не се пласираа ни некои нови информации. Се' уште не се знае колкаво земјиште ќе биде земено под закуп, дали истото или некое друго и кога ќе се стават темелите и ќе почне производството.
Од Агенцијата за странски инвестиции информираат дека кон средината на октомври главниот човек на тимот што е одговорен за оваа инвестиција треба да дојде на преговори со Владата. Од тие преговори, велат во Агенцијата, потоа требало да произлезе нешто поконкретно. Кинезите ќе дошле и порано, велат од оваа институција, но не можеле затоа што во Кина не се работело неколку дена поради државен празник.
Значи, останува неизвесноста и околу реализацијата на вложувањето, иако од Агенцијата се децидни дека проектот нема да пропадне, затоа што досега такво нешто не било посочено од „Хаиер“.
Инаку, во почетокот на јули „Тривју“ се повлече од заедничкиот проект со „Хаиер“ за изградба на фабрика за производство на ЛЦД-телевизори и монитори во „Бунарџик“. Во писменото соопштение беше кажано дека причината за тоа е глобалната криза, но дека „Хаиер“ има цврста намера самостојно да го реализира инвестицискиот проект што беше во фаза на планирање околу две години и сега се наоѓал во финална фаза, односно започнување на активностите. За новонастанатата состојба со неуспехот на договорот како виновни не беа посочени македонската Влада и институциите.
Инаку, лани на 16 септември во „Бунарџик“ беше направена промоција на почетокот на заедничка инвестиција на двете компании, а вредноста се проценуваше на девет милиони евра. Беше најавен брз старт на ставање на темелите и почеток на производството во мај годинава, а притоа директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Виктор Мизо, изјави дека целата потребна документација за оваа инвестиција ќе биде завршена за три недели, а потоа ќе биде удрен и камен-темелникот.
Владата претходно, есента 2008 година, имаше потпишано меморандум за разбирање со „Тривју“, а кон средината на март 2009 година „Тривју“ и „Хаиер“ склучија меѓусебен договор за заедничка инвестиција во „Бунарџик“.
Инаку, според претходната верзија на инвестицијата на „Хаиер“ и на „Тривју“, требаше да се закупат 7.300 квадратни метри од „Бунарџик“ и да се вработат за почеток околу 100 лица.
„Хаиер“ важи за најголемиот производител на компјутери на кинескиот и на светскиот пазар. |