Кипарските Турци избраа тврдокорен лидер
НИКОЗИЈА - Дервиш Ероглу победи на претседателските избори во Северен Кипар, ветувајќи поголем суверенитет за кипарските Турци, но можеби ќе треба да го ублажи ставот за да не дојде до отуѓување од главниот поддржувач, Турција. Ероглу, кој сега ја врши функцијата премиер, освои 50,4 отсто од гласовите во неделата и го порази вршителот на должност Мехмет Али Талат, кој се залагаше за поблиски врски со кипарските Грци. Ероглу (72), кој е лекар по професија, изјави дека ќе ги обнови мировните разговори со лидерот на кипарските Грци, Деметрис Христофијас, но исклучи можност за враќање на етнички Грци во северниот дел, што е под контрола на Турција. Тој рече дека во конечното решение ќе бара конфедерација на две држави.
Турција, единствената земја која го признава Северен Кипар, го поддржа Талат, бидејќи тој се залагаше за ставање крај на деценискиот спор на островот, сметајќи дека тоа е најдобрата шанса за влез на кипарските Турци во ЕУ и за да се подготви теренот за приклучување на Анкара кон Унијата.
„Ги преживеав лошите денови на минатото“, изјави Ероглу за новинарите откако ја потврди победата, мислејќи на насилството меѓу етничките Грци и Турци во Кипар што доведе до пропаѓање на заедничката власт во 1963 година, три години по независноста од Велика Британија. Пренесувајќи ја неговата порака за „две страни за два народа“, тој рече: „Барам решение што се базира на реалноста на островот и решение што може да го прифатиме сите“. Но, Ероглу истакна дека тој тесно ќе соработува со копното, за кое зборуваше како „наша мајка Турција“.
Турскиот премиер Таип Ердоган во неделата го предупреди Ероглу дека мора да ги продолжи разговорите и дека сака да биде постигнат договор во 2010 година. Поддршката на Анкара за Северен Кипар чини 700 милиони долари годишно, и таа има стационирано 30.000 војници на дел од територија со димензии двапати поголеми од Лондон. Какви било сецесионистички предлози значат црвен аларм за кипарските Грци, кои го претставуваат Кипар во Европската унија и ќе го забранат приклучувањето на Турција се' додека не се најде решение.
Дипломатски извори предупредија дека тврдокорен став на кипарските Турци би можел да го уништи мировниот процес, најнов во серијата обиди, вклучувајќи и посредување од ОН, за да се реши спорот. Турција го нападна Кипар во 1974 година по краткиот државен удар на кипарските Грци, организиран од војската, која тогаш владееше во Атина.
Ероглу ја избегна етикетата тврдокорен политичар и вели дека тој е централнодесничарски демократ, кој ќе го продолжи мировниот процес. Некои аналитичари истакнаа дека Ероглу ќе биде под силен притисок да го одбие притисокот од Турција за да се постигне мир. „Ероглу е прагматичар. Тој ќе разговара со кипарските Грци и ќе преговара, како и Христофијас“, рече Мет Хатај од кипарскиот центар на Институтот за мировни истражувања „Осло“. „Турција е инволвирана и нема да дозволи Ероглу да создаде ��ногу главоболки. Тој ќе треба да се обиде и да преговара со добра намера“.
Според биографијата, Ероглу зборува грчки, а е роден во село во близина на Фамагуста, Северен Кипар. Неговиот татко бил убиен борејќи се за британската војска во Полска, за време на Втората светска војна, кога тој бил мал. Ероглу е третиот претседател на кипарските Турци откако оваа отцепена енклава прогласи државност во 1983 година и вели дека ова се неговите последни избори. (Ројтерс) |