Број 3262  вторник, 20 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Свет

Британците ќе ги враќаат дома со воени бродови

Според некои процени, од 160 илјади до еден милион Британци се заробени низ светот со блокирање на европскиот авиосообраќај

Од нашиот дописник
Томислав Ивановски

ЛОНДОН - Три воени бродови на британската кралска морнарица, од кои едниот е носач на авиони, се вклучени во операцијата на владата на Велика Британија за побрзо враќање на Британците што се „заробени“ во европските земји, откако вулканскиот облак предизвика затворање на домашниот воздушен простор и целосно блокирање на аеродромите во 23 земји на Европа. Во извлекувањето на луѓето се вклучуваат и експресните возови на „Евростар“, што Лондон преку тунелот под каналот Ла Манш го поврзуваат со Париз и со Брисел, со вклучувањето на повеќе вонредни возови и со зголемување на бројот на вагоните.

Британскиот Форин офис има отворено специјална телефонска линија за Британците што се заробени низ светот. Според некои процени, станува збор за над 160.000 патници што чекаат да се вратат дома, но некои лондонски весници велат дека таа бројка е многу поголема и оти достига до еден милион.

Премиерот Гордон Браун за момент ја прекина се' пораспалената предизборна кампања за изборите на 6 мај, во која не му „цветаат сите рози“, па во Даунинг стрит 10 одржа вонредна седница со дел од министерскиот состав и со членовите на комисијата за вонредни ситуации. На состанокот, на кој присуствуваа и експерти од централната британска контрола на летањето, беше одлучено да се ангажира воената флота така што дел ќе се упати кон некои пристаништа во Шпанија, а другите ќе се ангажираат во пристаништата на англискиот брег на Ла Манш, за префрлање на Британците кои веќе пет дена не можат да се вратат дома.

Вулканскиот облак со опасниот пепел што го носи се најголемиот предизвик со кои досега се соочил британскиот воздушен сообраќај, изјави по седницата Браун. Тој откри дека е во телефонски контакт со шпанскиот премиер Хозе Луис Запатеро во однос на дозволата за пристигнување на британската воена флота и за координација при извлекувањето на Британците од Шпанија, меѓу кои се наоѓаат и 300 војници што од Авганистан се враќаат дома.

Исландските вулканолози во меѓувреме соопштија дека најновите мерења покажуваат намалување на интензитетот на пепелта што се' уште излегува од вулканот, што го предизвика проблемот во европскиот воздушен сообраќај. Вулканолозите велат дека сега пепелта е за 30 отсто помалку густа и за толку помалку опасна од досега, но централната британска контрола на летањето, уште пред тоа објави дека ја продолжува блокадата на воздушниот простор на земјата, како што е речено, „барем уште до 1 часот по полноќ во вторник“. Тоа во секој случај не значи дека веќе оттогаш ќе почне да се обновува блокираниот авионски сообраќај. Најголемиот аеродром во Велика Британија - лондонски „Хитроу“ и натаму е затворен и неговите пет големи терминали изгледаат „сенишно празни“, додека пистите се полни со авиони, чии мотори се покриени со „капи“ или со импровизирани пластични обвивки. Авионските компании веќе предупредуваат на големата штета што ја создаваат вулканскиот облак и забраната за летање, што различно се прикажува. Во секој случај, без разлика дали дневната загуба изнесува 130 милиони фунти, или е помала, сепак, познавачи на состојбите во авионскиот сообраќај тврдат дека досега само оваа индустрија има забележано штета од половина милијарда фунти. Туристичките агенции „Томсон“ и „Томас Кук“, кои имаат своја авионска флота, потврдија дека имаат голема штета затоа што повеќе од стотина нивни авиони се приземјени, а голем број нивни туристи се „заглавени“ и имаат продолжен одмор.

„Утрински весник“ дознава дека стотина Македонци во овој дел од Европа се меѓу „жртвите“ на вулканскиот облак полн со опасен пепел. Дел од нив се сместени во хотелите околу аеродромите „Хитроу“ и „Гатвик“, дваесетина нашинци се во Даблин каде што биле службено, а други приватно се сместени во британскиот главен град и настојуваат да дојдат до Македонија. Тие ни соопштија дека обидот за патување со автобус, барем до некаде во Европа, само за да се излезе од британските острови не е можен до средината на оваа седмица, затоа што сите автобуси кон континентот се резервирани и зафатени. „Евростар“ има голем притисок од патниците, па сега билет за еден правец чини околу 150 евра, што е цена за повратен билет до Париз или до Брисел, додека на црно билет за Европа се нуди и за цена до 500 евра. Оние што можат да останат во Лондон и чекаат да се среди авионскиот сообраќај, велат дека компаниите се немоќни и целата работа им ја препуштаат на аеродромите од каде што нивните авиони треба да полетаат. Една од компаниите што ја врзува Македонија со Велика Британија (унгарската „Малев“), која летот за Скопје го спроведува заедно со „Бритиш ервејз“ ги известила патниците за нашата држава дека не се знае дали ќе може да полетаат до средината на седмицава.

Сите британски ТВ-станици како куриозитет го прикажаа венчавањето преку Интернет на еден пар во хотел во Дубаи, каде што младоженците се „заробени“ поради затворените британски аеродроми. Луѓето патувале од Австралија кон Лондон кога се случи ерупцијата и кога големиот и опасен облак тргна од Исланд кон Европа, за да се венчаат изминатиот викенд. Сватовите се собрале во неделата во ресторанот каде што требало да се одржи свадбата, а венчавката, специјално направена за нив, ја гледале на компјутер, а потоа се веселеле без младоженецот и невестата, кои сето тоа го гледаа во Дубаи. Оваа весела сторија е слична на онаа од Мексико, каде што бројни британски туристи имаат продолжен одмор во своите хотели веќе пет денови, не криејќи дека „страшниот облак“ непредвидено им донел повеќе и бесплатен одмор. Но, британскиот бизнис и оној надвор од авионскиот сообраќај и туризмот, исто така, предупредува на големи загуби, па некои предвидуваат тие да имаат „катастрофални димензии“, додека увозниците на храна најавуваат дека би можело да дојде до мал недостиг од некои јужни овошја и зеленчуци на британскиот пазар, доколку продолжи кризата.

„Бритиш ервејз“ соопшти дека во неделата еден „боинг“ на компанијата, во кој бил и генералниот директор Вили Волс, добил дозвола за тест лет над западните реони на Велика Британија за да се испита влијанието на „валканиот воздух“ на големите височини на кои, обично, летаат авионите. По враќањето на леталото на земја е утврдено дека на моторите на „боингот“ не се забележани никакви оштетувања, што можеби ќе помогне да почне обновувањето на летовите прво за транспортните авиони што чекаат со многу различен товар во земјата и на разни други места по светот. Авионските компании веќе ја притискаат централната контрола на летањето на Велика Британија (НАТС) за укинување на забраната, тврдејќи дека опасноста веќе е помината и дека мерките се преостри. Некои авионски експерти сугерираат дека би можело да се дозволат летови над 13.000 метри, што значи над облакот, но од Британската летачка контрола посочуваат дека тие не се научници и оти сегашната состојба што тие ја знаат не дозволува да се ризикува и да се пуштат авионите во сообраќај.


#
Статијата е прочитана 496 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Свет
Руските министри посиромашни од сопругите
Кипарските Турци избраа тврдокорен лидер
Огромни загуби од затворањето на небото
Производството за развиените земји ја троши водата низ светот
Чавез славеше 200 години од независноста на Венецуела