Производството за развиените земји ја троши водата низ светот
Во филџан кафе се вградени околу 140 литри вода, во памучна маичка околу 2.000 литри, а во килограм месо 15.000 литри вода
Количеството вода што се употребува за производство на храна и производите што се увезуваат во развиените земји го влошува недостигот на вода во земјите во развој, се посочува во извештајот. Извештајот, фокусирајќи се на Велика Британија, открива дека две третини од водата што се користи за да се реализира британскиот увоз се користи надвор од нејзините граници.
Алијанса на професионални технички тела соопшти дека ова е неодржливо, со оглед на порастот на населението и климатските промени. Уште се наведува дека земјите како Велика Британија мора да им помогнат на посиромашните држави да ја контролираат употребата на вода. „Мора да земеме предвид како нашата стапка на користење на водата влијае на остатокот од светот“, изјави професорот Роџер Фалконер, директор на Хидроеколошкиот истражувачки центар на Универзитетот „Кардиф“ и член на Управниот одбор на извештајот. „Доколку треба да спречиме ’перфектна бура’ потребно е акција“. Терминот „перфектна бура“ беше употребен минатата година од страна на главниот научник на британската влада професорот Џон Бедингтон за да се опише недостигот на енергија, вода и на храна во иднина.
Предвидувањата покажуваат дека кога светската популација ќе ја надмине бројката од осум милијарди за дваесет години, глобалната побарувачка за храна и за енергија ќе се зголеми за 50 проценти, додека потребата за свежа вода ќе се зголеми за 30 проценти. Меѓутоа, земјите во развој веќе користат забележителни пропорции од нивната вода за да одгледуваат храна и да произведат производи за широка потрошувачка за запад, се вели во извештајот. „Се' поголемата побарувачка од развиените земји врши сериозен притисок врз областите што веќе имаат недостиг од вода“, вели професорот Питер Гатри, шеф на Центарот за одржлив развој на Универзитетот „Кембриџ“, кој претседаваше со Управниот одбор. „Доколку кризата со водата стане критична таа ќе претставува сериозна закана за идниот развој на Велика Британија поради влијанието што би го имала врз нашиот пристап до виталните ресурси“.
Клучна поента во извештајот е концептот за „вградена вода“ - вода што се употребува за одгледувањето храна и за производството. Количеството вградена вода во една кригла пиво, на пример, изнесува околу 74 литри, вкупното количество што е потребно за одгледување на состојките и извршување на целиот процес за да се добие кригла пиво. Во филџан кафе се вградени околу 140 литри вода, во памучна маичка околу 2.000 литри, а во килограм месо 15.000 литри вода.
Користејќи ја оваа методологија, британските потрошувачи гледаат само три проценти од употребата на вода за која тие се одговорни. Просечниот британски потрошувач користи околу 150 литри вода дневно, тоа е количество на голема када. Десетпати поголемо количество вода е вградена во британските производи што се купуваат од страна на просечниот британски потрошувач, но тоа претставува само околу една третина од вкупното количество вода вградено во сите просечни храна и производи за широка потрошувачка на потрошувачот, додека, пак, остатокот доаѓа од увозот. Велика Британија не е единствена во ова, истиот образец се забележува и во повеќето развиени земји. (Би-Би-Си) |