Огромни загуби од затворањето на небото
Се појавија првите остри критики за прекините на летовите
ПАРИЗ - Меѓународната асоцијација за авиотранспорт, ИАТА, го критикуваше одговорот на Европа на облакот од вулканска пепел и вчера побара итни чекори за повторно отворање на воздушниот простор, по петдневното затворање што ги чинеше авиокомпаниите 250 милиони долари дневно. Првиот човек на ИАТА, Џовани Бисињани, изјави дека властите во Европа „пропуштија можности да летаат безбедно“. „Овој вулкан го парализираше авиосекторот, прво во Европа, а сега има и импликации низ светот. Степенот на економски удар (врз авиосообраќајот) сега е поголем отколку оној од 11 септември кога американскиот воздушен простор беше затворен три дена“, изјави Бисињани. „Ние мора да се оддалечиме од ова паушално затворање и да изнајдеме начини за флексибилно отворање на воздушниот простор, чекор по чекор“, изјави тој.
Европските министри за транспорт вчера требаше да разговараат за оваа криза во авиосообраќајот, по средбата со претставници на Европската агенција за контрола на авиосообраќајот „Еуроконтрол“ и официјалните лица се надеваат дека бројот на летови забележително ќе се зголеми. Само нешто повеќе од една петтина од летовите беа реализирани во неделата, бројката би можела да се зголеми на половина до понеделник, открија официјалните лица. Австрија вчера ги отвори своите аеродроми, меѓутоа, во другите земји и натаму е во сила забраната за летање. Италија повторно го затвори својот северен воздушен простор откако вчера накратко беше отворен. Затворањето на поголемиот дел од воздушниот простор над Европа поради големиот облак од пепел што се крена поради вулканската ерупција во Исланд остави на цедило милиони патници, а погодени се и извозот и увозот.
Бисињани побара итна акција за повторно отворање на воздушниот простор и свика средба на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство, тело на ОН. „Треба да донесеме одлуки што ќе се базираат на реалната ситуација, а не на теоретски модели. Тие (властите) пропуштија можности за безбедно летање“, изјави тој.
Висок официјален претставник на ЕУ во неделата изјави дека сегашната ситуација не е одржлива, бидејќи авиокомпаниите бараат ревидирање на забраните за летање откако за време на викендот спроведоа тест-летови без никакви видливи проблеми од облакот од пепел. „Не можеме да чекаме додека облакот од пепел едноставно да исчезне“, изјави ЕУ-комесарот за транспорт, Сим Калас, додавајќи дека се надева оти 50 проценти од европскиот воздушен притисок ќе биде повторно отворен.
Само 5.000 лета беа реализирани во неделата во европскиот воздушен простор, во споредба со вообичаената бројка од 24.000, соопшти „Еуроконтрол“, европската агенција за контрола на авиосообраќајот. Од четвртокот беа откажани 63.000 лета.
По неколкудневнотот блокирање на воздушниот сообраќај дел од европските земји вчера дозволија ограничени летови над нивна територија. Меѓу земјите кои дозволија летови но на висина над 24.500 е Унгарија, иако вчера не беше дадена дозвола за отворање на будимпешатанскиот аеродром. Словачка целосно го отвори воздушниот простор над источниот дел од државата, а во останатите региони дозволи летови на висина над 7.500 метри, сепак аеродромот во Братислава останува затворен
Воздушниот простор над Северна Италија ќе биде затворен до денеска до осум часот наутро, а вчера беше обновен воздушниот сообраќај во Чешка. И Австрија го отвори својот воздушен простор. Московскиот аеродром „Шереметиево“ ги обнови летовите. Словенија пак времено го отвори воздушниот простор над целата територија во шест часот по локално време.
Вулканот на Исланд чија активност предизвика приземјување авиосообраќајот вчера повторно беше активен и исфрлаше пепел во атмосферата, но вулканолозоте велат дека тоа е со помал интензитет од претходно. (Ројтерс) |