Бизнисмените бараат кредитирањето да не секне
Банкарите ветија - ќе бидат и натаму потпора на домашната економија
Соња Маџовска
Забавената кредитна активност на банките, особено спрема компаниите од индустриите кои се најпогодени од кризата, ги седна на заедничка маса стопанствениците, банкарите, централната банка и Владата. Вчерашната средба беше еден вид соочување меѓу бизнисот и банкарите во контекст на тоа како да се надмине состојбата со забавениот тренд на кредитирање. Заклучокот од средбата е дека банкарскиот систем во земјава е стабилен, дека не е директно погоден од глобалната криза и дека може да му помогне на реалниот сектор за да не се влоши дополнително состојбата во домашната економија.
Банкарите, сепак, признаваат дека се многу претпазливи во одобрувањето кредити. Дури и вицепремиерот Зоран Ставрески вели дека во услови на криза логично е што банките се внимателни и вршат дополнителни анализи при одобрувањето на заем. Но, според него, нема причини ако се земат предвид движењата на депозитите кај банките, стопанството да биде во ситуација да не може да добие средства.
И покрај намалената кредитна активност во последните три месеци банкарите уверуваат дека добрите проекти ќе бидат поддржани. „Банкарскиот сектор ќе продолжи и натаму да биде потпора на домашната економија, и покрај тоа што е забавена кредитната активност, што е нормално во оваа состојба на глобална криза. Причините за тоа се воздржаност на сите учесници во оваа игра, како на реалниот сектор во очекување на потезите на своите партнери однадвор, но исто така и на банките, која секоја од свој аспект си го цени ризикот и проценува како нивните клиенти во дадени услови ќе се однесуваат, пред се' во поблиска иднина, односно во почетокот на 2009 година“, изјави по средбата во Владата директорот на Еуростандард банка, Срѓан Крстиќ.
Тој смета дека банките и во моментов излегуваат во пресрет на барањата на бизнисмените. „Му се помага на стопанството, дали на начин што продолжува кредитната поддршка во секторите кои што се најмногу погодени од кризата или во делот на одредено репрограмирање на обврските кои достасуваат до крајот на годинава. Се прави се' да му се помогне на реалниот сектор, на најпогодените гранки, барем на краток рок да излезат од оваа криза. Како и секаде во светот, очекувањата се дека забавениот економски раст нема да го уништи домашното стопанство, односно компаниите. Се очекува тие да излезат од оваа криза. Очекувањата се дека, пред се', намалените цени на енергенсите од с��оја страна, повторно ќе предизвикаат економска активност и кај компаниите“, вели Крстиќ.
Целта од оваа средба е да се испрати порака дека состојбата е стабилна и нема место за паника, и покрај тоа што се присутни проблеми во одредени сектори од реалниот сектор, истакна потпретседаелот на Комората на северозападна Македонија, Касам Зендели. „Во Македонија ефектот од глобалната криза не е толку голем. Моментално нашиот банкарски систем е стабилен, нивната активност ќе продолжи, така што и ефектите од кризата ќе бидат намалени. За текстилната индустрија и металургијата кои се најпогодени од кризата се прават напори и се преземаат мерки да им се помогне“, изјави Зендели.
И според вицепремиерот Зоран Ставрески состојбите во банкарскиот сектор се стабилни, депозитниот потенцијал и штедењето одат во добра насока, така што кредитната активност треба да продолжи. „Во конткест на вкупната криза секоја банка во Македонија низ еден дополнителен филтер ги разгледува кредитните барања од аспект на ризикот и профитабилноста, меѓутоа, кредитната активност ќе продолжи затоа што имаат доволно депозитен потенцијал. Мора стопанството и банките меѓусебно да си помогнат со еден балансиран пристап да продолжи соработката, со цел билансите на компаниите да не се влошат со тоа и билансите на банките и натаму би останале добри. Банките како и другите компании мора да внимаваат нивната ликвидност да биде добра. На состанокот ниедна од банките не се изјасни дека нагло ќе ја намали кредитната активност. Во целина, мислам дека нема ниту причина врз основа на движењата на депозитите кај банките стопанството да биде во ситуација да не може да добие средства како и пред кризата. Логично е само добрите проекти да бидат тие што ќе добијат средства од банките“, истакна Ставрески. Тој смета дека нема потреба Владата да интервенира и со државна финансиска инјекција да им помага на банките. |