Стипендии за Африканци, за нашите нема пари
Во Охрид студираат стипендисти од Танзанија и од Гана, ама и од Кина и од САД
Билјана Јовановска
Владата му увезува странски студенти на државниот Универзитет за информатички науки и технологии „Св. апостол Павле“ во Охрид, иако не е на листата акредитирани високообразовни институции. На ваков потег се решиле за да го надоместат исклучително слабиот интерес за студирање на најновиот државен универзитет, кој ја чини државата исклучително скапо.
Професорски кругови тврдат дека на сите пет факултети се запишале само 40 студенти, додека Универзитетот ја дуплира оваа бројка. На распишаниот конкурс за 32 стипендии за академци од неврзаните и од други земји, со цела низа бенефиции, едвај се јавиле 16 кандидати. Колку точно Африканци студираат во Охрид e тешко да се дознае, но на Универзитетот тврдат дека имаат стипендисти од Танзанија и od Гана, ама и од Кина и од САД. Иако студирањето на странски студенти е нешто што одамна е заборавено на овие простори, бидејќи Македонија се' уште важи за држава која има многу внатрешни проблеми, сепак, парадоксално е Владата да школува странци, а за домашните нема пари за кредити и стипендии.
На гостите од Африка Владата им овозможува бесплатно студирање, сместување во дом и храна, а за џепарлак добиваат по 5.000 денари месечно. Неофицијално, се жалеле дека ноќниот живот во охридските кафулиња е скап и барале зголемување на школарините, ама се' уште немаат одговор дали ќе им излезат во пресрет. На домашните студенти од годинава им ги укинаа кредитите, а да се добие стипендија е без малку рамно на добивка на лото.
Што значи, пак, да се донесат студенти од странство на универзитет кој не е на официјалната листа акредитирани високообразовни институции, која им служи на потенцијалните академци како показател дали уписот и студирањето таму е легално или диво - е друга работа. Проф. Борче Давитковски, поранешен претседател на Матичната комисија за формирање, вели дека сега воопшто не е информиран што се случува на најмладиот универзитет ниту, пак, е во комуникација со ректорот Благоја Самакоски. „На молба на бившиот министер за образование прифатив да се ангажирам како претседател на Матичната комисија, но само за да се запази правно процедурата. Во рок од шест месеци бил изготвен Статутот на Универзитетот и добил одобрение од Министерството за образование за запишување во регистарот на установи. Со тоа заврши мојот ангажман, а како потоа се одвиваа работите, не сум информиран“, вели проф. Давитковски.
Неофицијално, првата Матична комисија составена само од вмровски кадри не се согласила околу многу важни работи за функционирањето на Универзитетот и таа била расформирана. Сепак, додека тие се карале, Владата го туркала проектот за формирање на петтиот државен универзитет, за кој прифатила целосно да го финансира. Колку тој ги чини, се држи во голема тајност, а фактот дека со сите странски професори биле потпишувани посебни договори, укажува дека се работи за многу скап проект. Дознаваме дека одделни професори, кои ги заложиле своите имиња за Универзитетот да се формира, инсистирале на годишни плати што достигнувале и до 100.000 долари! Освен тоа, професорите од Филипини, Тунис, Јужна Африка, Франција, Велика Британија, Иран, Италија и од Романија, кои покриваат најразлични предмети, имаат специјални договори со власта и за плаќање на станарините, за одвоен живот, за школување на децата... Само за споредба, за домашните редовни професори на државните универзитети, Владата издвојува месечна плата од 50.300 денари.
Главниот просветен инспектор Џорџе Арсов вчера не можеше да ни одговори како е можно да функционира универзитет кој нем�� акредитација и, згора на се', се финансира од буџетот, бидејќи, како што рече, „таму се' уште не е направена инспекција“. (Б.Ј.) |