Поглед
Вистината во притвор
Димитар Чулев
Апсењето на основачот на „Викиликс“ е класичен обид да се стави вистината во притвор, откако со „протекувањето“само на мал дел од 250 илјади документи на американските Де-Ка-Пе-а низ светот, на виделина излегоа сите валканици што ги прават не само САД, туку и сите влади во име на демократијата и благосостојбата на сите на планетава.
Документираното разголување на дворските игри и интриги само го потврди она што сите го знаат околу сомнителниот морал на политиката. Затоа, комично е обвинението дека Џулијан Асанж, всушност, треба „да лежи“ зашто „му пукнала“ заштитата кога имал слободен секс со две соработнички. А, не поради тоа што го урниса „дискретниот шарм“ на дипломатијата чии кодошки и „подземни“ активности го дестабилизираа кредибилитетот на Вашингтон, но и на другите престолнини низ светот. На кои, исто така, им пукна заштитата на класифицираните информации околу начинот и средствата со кои ја остваруваат политиката.
Ќе биде интересно да се види во кој правец ќе се одвива војната што веќе ја почнаа илјадници анонимни Интернет-поддржувачи на Асанж. Тие најавија освета за уапсениот, преку натамошно лиферување пикантерии и тајни документи што можат да имаат сериозни импликации за одредени личности, влади, држави и да доведат до хаос во меѓународните односи какви што ги препознаваме денес.
Во одбрана од натамошните непријатности се случува преседан, демократскиот Запад да примени „источни“ манири за замолкнување на таа вистина. Бидејќи е штетна кога не е контролирана и дозирана од центрите на моќ и лесно достапна на милионскиот Интернет-аудиториум.
А можеби на Интернет му треба - ресетирање. Како што препорачуваат добрите компјутерџии. Да се исклучи и евентуално пак да се вклучи.
|