Женски муабети
Сакам кога очите ќе ми се наполнат со убавина
Роза Топузовска- Кароска
Пратеничката Роза Топузовска- Кароска по професија е археолог, инаку голем естет и неизлекуван перфекционист
Валентина Тодоровска
„Откога почнав да се занимавам со политиката, животот сосема ми се смени, доби поинаква димензија и скршна од се' што претходно се нарекуваше моја реалност“, вака го започнавме нашиот женски муабет со Роза Топузовска- Каровска, пратеничка која, било поради возраста било поради природата, важи за личност која ги почитува зборовите. Сеедно дали се напишани или кажани. Нејзината внатрешна стабилност, што би рекле сопартијците - достоинството, значи искреност кон себе си и кон другите, а исклучоци нема и кога е личниот пример во прашање. Така дознавме дека Роза пред политиката ја имаше археологијата, професија сосема поинаква од сегашната, врзана за разновидни локалитети и природа. Но, пред тоа го слушнавме кусиот вовед во нејзиното образование.
„Моето основното училиште беше ’Кочо Рацин‘, гимназија ’Корчагин‘, а потоа запишав Филозофски факултет - историја на уметност со археологија. Магистрирав во Белград и бев пресреќна поради отворањето научна институција за археологија во Прилеп. Дваесет години работев на теренски истражувања, се' на отворено, блиску до природата, земјата и сонцето. Многу поразлично од Собранието каде што се случува да сум затворена и по 12 часа. Ми недостасува археологијата - големо е задоволство кога ќе се открие нешто ново, постојано си во природата, а јас сум сплотена со зеленилото. Во откривањето на новите локалитети во Поречието, на пример, посетив 42 села, вистински потфат на кој секогаш со радост се сеќавам“.
Одењето од Скопје во Прилеп Роза го сфати како голема шанса иако веруваше дека овој ангажман ќе биде на одредено време. Поминаа неколку лета, во меѓувреме се вработи, омажи и целиот живот и' се одвиваше на релација Прилеп - Скопје. Најплодниот и најубавиот работен период од 1981 до 1990 година Институтот во Прилеп беше центар во југословенски рамки, постоеше интензивна соработка со Полската академија на науките, се организираше ликовна колонија. Прилепската институција беше центар на културни збиднувања, а времето секогаш исполнето со изложби и театарски претстави. Освен тоа, Розе имаше предавања по музеологија и по старословенски јазик во гимназијата, отвораше изложби и со таков ангажман и со толкав интензитет не чувствуваше дека и' недостасува Скопје. Убавиот период траеше до 1990-тите години кога Институтот доби поинаква концепција, се распадна Источниот блок, ама и Југославија, средината се затвори и тој транзициски период се одрази и врз луѓето во Прилеп, настаните се изретчуваа... И тогаш се јави носталгија, локална, по Скопје. Инаку, голема заслуга за балансот во работата, многубројните обврски помеѓу кариерата и мајчинството е дело на мајка и' Милка, жена што уживаше во успесите на својата ќерка-единица.
Во почетокот Розе ја следеше сета литературата од својата област, но последните години е сосема посветена на политиката. Најважно и' е да ја оправда довербата што ја има добиено од луѓето .
Нашата соговорничка го сменила амбиентот и работното опкружување, а поради функцијата - и начинот на облекување. Порано нејзината гардероба беше доминантно спортска и во орманот имаше по едно или две зимски и летни сакоа. Денес како пратеник го почитува кодексот на облекување, има автентичен стил што соодветствува со возраста. Оригиналната Роза ја приспособи својата гардероба на личноста. Како помлада, креираше по некое парче облека, а потоа на себе ја преземаше и изведбата со шиење, правеше специфични детали и многумина ја сметаат за креативна. Ужива во спојувањето на боите, во хармонијата на колоритот, со што и' дава простор на својата уметничка душа . Од накитот, опсесија и страст и' се брошеви.
„Имам голема колекција и многу парчиња се купени на патувањата во странство, а дел од нив се подароци од маж ми и ќерка ми.
Всушност, кога подобро ќе размислам, на моите им е лесно да ми купат подарок, никогаш нема да згрешат со марама или брош“, се шегува Топузовска. „Ние сме мало и патријархално семејство, упатени едни на други, си ги почитуваме нашите важни датуми, родендени, празници и од нив правиме спомени. Па и одморите се резервирани за нас тројцата“.
Роза ни раскажа дека иако ќерка и' Стефана има 25 години, само минатото лето, поради магистерските испити, не беше со нив на одмор. Тие две-три недели апсолутно си се посветуваат еден на друг и најчесто одат на море, сеедно дали е тоа Грција, Бугарија, Турција или на Јадран. Времето за уживање го облагородуваат со нови корисни нешта. Кога Стефана била петто одделение, три недели патувале низ Турција, со цел да ја запознаат со старата цивилизација, со две од седумте светски чуда и, приспособено на возраста, гледале археолошки локалитети. И Македонија е често во нивната патувачка агенда, скоро и нема катче кое не го виделе и посетиле, каде што не се фотографирале.
Сопругот Петар е хирург ортопед кој работи во болницата во Прилеп. Според многумина, тој е успешен доктор, чесен човек посветен на семејството и на професијата и нејзина најголема поддршка, особено во политичкиот ангажман.
„За жал, поради спецификата на неговата професија со дежурства и смени, не може секогаш да ме гледа, но кога ќе успее, критично е праведен и неговите забелешки ми беа многу корисни во работата. Ќерката Стефана токму денеска треба да пристигне од Германија, таа магистрираше меѓународен бизнис-менаџментот и максимално е посветена на учењето. Германија или Македонија? Одлуката каде ќе живее и' ја препуштаме нејзе“, констатира Роза, иако лично повеќе би сакала да остане во Македонија, не од себични пр��чини, туку затоа што таквите луѓе и' се потребни на замјата. Стефана одлично зборува три јазици, има многу слободни активности, дебатерка е со меѓународни признанија, порано активно се занимаваше со спорт...
„Што да кажам за себе како мајка?“ искрена во чесно одработување на интервјуто е нашата соговорничка. „Бев строга, можеби и повеќе од потребно, зашто сметав дека е најважно ќерка ми да има работна навика. Но, и таа како и многуте женски деца емотивно е поблиска со татка си. Ете на женски теми ние две малку зборувавме, што го сметам за свој недостаток, но многу соработувавме кога беше учењето во прашање. Нашата ќерка е независна, најчесто сама одлучува за се', па затоа и во однос на интимата и нејзината иднина, и' ветивме дека ќе прифатиме што и да реши. Независноста дава сила и леснотија на функционирање и кога си сам, иако лично сметам дека животот е создаден за двајца, и убаво е да се имаат деца, тие го осмислуваат животот...
Од семејство повторно се префрливме во политиката, на првиот момент на создавањето на Демократска партија на Гошев каде што Розе пристапува, а забележуваме од 2002 е прат��ничка во Собранието. Таа даде големата поддршка на демократските процеси и плурализмот, што го смета за важен во развојот на земјата. Едноставно, Роза не сакаше да биде надвор од збиднувањата, мислејќи дека тука најмногу може да даде и да помогне. Трпеливоста е една од особините што ја красат, но вели знае да избувне кога е во прашање неправда. За застапеноста на жените во политиката смета дека е квалитетен, односно ништо полош од квантитетот на машките колеги.
„Немам феминистичка црта во себе и априори не сум на страната на жените. Ги почитувам посветените на професијата и предадени на семејството, работливи и независни. Не сум лицемерна, ја презирам хипокризијата и немам многу пријатели. Сакам да градам искрени пријателства, а тоа денес, со поместени вредности во општеството е релативно, речиси неможно. И за жал, многу пријателства се темелат на заемна корист“.
За своите прилепчаните вели дека по природа се затворени, не прифаќаат лесно луѓе однадвор, но не се жали. Во одредени кругови имаше одреден отпор во стил „е тој дошол од некаде и тој нас че ни каже“. Но, станува збор за луѓе со дух, многу широки личности кои можат да прифатат и шега на своја сметка.
„Што може да ме релаксира? Изложби, театарски претстави, слабост ми се сценаријата на Горан Стефановски, со големо задоволство ги следев сите претстави на Љубиша Георгиевски, беше авангарден на времето, одличен режисер е, ама лош политичар. Кај филмовите, многу обрнувам внимание на режијата, глумата, сценографијата и на симболите. Не мора да се историски, сакам и драми, спектакли, а хорор и криминалистички ништо не ми значат. Од режисерите би го издвоила Алтман, ама и нашиот Манчевски. За телевизијата и изборот на програмата се задолжени маж ми и ќерка ми, јас немам потреба од тој тип на подвижни слики зашто ги создавам интерно, читајќи. Перфекционист сум и естет и насмевка може да ми измами и еден цвет. Постојано сум со цвеќе дома, имам балкон за чија содржина постојано се грижам. Во есен во него царуваат хризантеми и сардели, во пролет сум горда на темјанушки и примоли, а во лето на пркос. Пред Нова година највпечатлива е божикна ѕвезда“.
Роза во својата искреност признава дека од сите уметности најмалку ја познава музиката. Сака сериозни дела, ама со полесна, попивка форма. Равеловото „Болеро“, ама и „Рапсодија во сино“ на Гершвин. Ги сака „Леб и сол“, „Битлси“,„ Квин“. Муабетот за Тоше беше неизбежен како и констатација - зар може некој да не го сака?!
„Ненадминлив ми е поради искреноста во интерпретација и волшебно чистиот глас... Сакам кога очите ќе ми се наполнат со убавината, секогаш одново и одново и' се восхитувам на античката Ника, а од ликовни уметници ги сакам импресионистите. Ван Гог, ама и Кандински, од нашите - Рубенс Корубин и Борко Лазески“. Розе е слаба на животинчиња и на испраќањето ни раскажа за домашното галенениче што беше со нив 14 години. Кокер шпаниел - Жон, сега кога не е со нив, е спомен чија загуба сите ја чувствуваат.
„Сигурна сум дека кога ќе отидам во пензија, повторно ќе имаме куче дома. Токму затоа мислам дека во креирањето на среќата големо е учеството на умот и во малите нешта да најде среќа, па и со помалку да сме задоволни. Но, како човек да и' се спротивстави на тагата кога се случуваат настани што не зависат од нас?“
Муабетот го завршивме со сказните за Нова година и со сите ритуали што се на домашниот пиедестал. Еден од нив е китењето на елката.
„Тоа го правиме јас и Стефана, елката ја дотеруваме со часови и двете уживаме. Всушност, тоа се незаменливи моменти зашто се сеќаваме на приказните што ги има во секој лампион. Откако се роди Стефана, секоја година заедно купуваме украси и на секој од нив е испишана некоја приказна. Оживуваат спомени, се топлиме на нив и навистина сме среќни“.
И покрај тоа што елката на семејството Карески од година на година е се' повисока, бројот на украсите одамна ја надмина употребливата бројката. Сепак, Розе ни откри дека и годинава ќе купат уште неколку - убави, светкави и треперливи лампион. Да се загледаат во него и да создадат уште еден спомен што ќе се приклучи на слатката новогодишна традиција. |