Мислења
Наследството на Зевс
Јосиф Ќурчиев
Борбата за власт не е човечка измислица. Се' почнало во дамнешната бесконечност кога Зевс посакал да биде прв и единствен. И му успеало
БЕЗ РАКАВИЦИ
Откако прочитав како Зевс дошол на власт, решив и јас малку да се занимавам со антиката. А зошто не! Таа е светско, универзално богатство. А, богами, имав и што да прочитам за да сфатам колку сме ние смртните наивни мислејќи дека се', па дури и војните, политиката и борбата за власт биле наша измислица. Ама, јок! Е, ајде со ред.
Во старогрчките митови и легенди (во што ќе внесам и мали лични додавки) е запишано:
„Како и сите други богови, така и Зевс (се надевам знаете за кого станува збор) најнапред не живеел во облаците на врвот од Олимп уште од создавањето на светот. Во многу древно време прво живеело едно чудно семејство. Имено, семејството на Титаните. Тоа владеело над цел свет. Имало 12 Титани – шест браќа и шест сестри. Татко им било Небото, а мајка Земјата. Титаните имале човечки лик, но биле многу поубави од обичните мажи и жени. Најмладиот меѓу нив бил Хронос. Но, тој бил толку стар што луѓето често го викале татко Хронос. (Ако тој бил најмлад, а толку стар, колку ли биле стари другите! Нејсе.) Во негови раце (ова е многу битно) се наоѓала власта над Титаните и, се разбира, над целата Земја.
Се зборува дека луѓето никогаш не биле толку среќни како за време на владеењето на Хронос. Затоа таа епоха со право ја крстиле Златна. Пролетта траела низ цела година. Шумите и ливадите постојано биле украсени со најубави цвеќиња. Песната на птиците се слушала непрестајно - и дење, и ноќе. На дрвјата секогаш зрееле јаболки, смокви, портокали и секакви други слатки плодови. Лозите биле пренатрупани со килибарни гроздови. Луѓето само требало да протегнат рака и да земат се' што сакаат. Всушност, никој не бил принуден да работи во тоа среќно време. (Немало ниту шалтери ниту политбирократија). Луѓето не знаеле што е тоа болест (какво здравство, какви бакрачи), тага или старост. Тие живееле по многу стотици години (не е соопштено дали умирале, за што ни во „Бутел“ немаат податоци), но никогаш не им побелувале косите и не им се брчкале лицата, а и нозете ги држеле здраво. (Какво бојосување коси, каков лифтинг). Луѓето биле вечно млади и стројни. Тие немале потреба од куќи, зашто тогаш не било студено, ниту врнеле дождови (па да прават поплави), ниту дувал силен ветер (да урива покриви), ниту бура го бранувала морето (фала му на Бога немаме море). Никој не бил беден, зашто сите располагале со исти богатства. Не постоеле ниту пари (ниту ММФ, ниту Светска банка, ниту Леман Брадерс), ниту катанци, ниту клучеви (замисли, ти се молам!). Секој им бил пријател на сите (каков „Фејсбук“) и никој не сакал да има повеќе од другите. (Арно ама...) О, колку е тажно што таа златна епоха завршила засекогаш, а виновникот бил токму Зевс, син на веќе спомнатиот крал Хронос. Тој, Хронос, инаку бил многу добар, но многу ја сакал славата. Мечтаел да остане засекогаш крал на светот. Меѓутоа, крал станал откако од тронот го прогонил (тогаш немало избори) својот татко Уран (Небото), за да ја земе од него сета власт. Затоа, пак, постојано се плашел некој од неговите синови да не го направи истото тоа и со него. Таа мисла постојано го измачувала, па за да се спаси еве до какво грозно решение дошол: штом ќе се родело некое дете и жена му го носела да го види, Хронос го земал, ја отворал својата уста и – ап – го голтал во еден залак! (Како што правел Иди Амин, за Мугабе не сум слушнал.) Но, види несреќа: бидејќи и децата на Хронос биле богови, тие биле бесмртни, па никако не можел да ги сомеле во својот стомак...!
Неговата сопруга Реа, која со тешко срце гледала како нејзиниот самољубив сопруг ги голта своите деца, наумила да го излаже Хронос за да има и таа, кутрата, барем едно дете што ќе си го носи на раце, ќе го гали, ќе си го бакнува и ќе се радува како сите мајки. (Штосот како го измамила не е важен за приказнава. Како и да е, бил спасен токму Зевс.)
Уште како едногодишно дете (види колку напредни деца раѓале божиците) Зевс почнал да мисли како да го истера татка си Хронос и тој да стане владетел на светот. Кога веќе станал голем и силен, се појавил пред својот татко:
„Јас сум твојот син! - му рекол. - Но, не плаши се, бидејќи се' уште не е дојден часот да те прогонам од тронот. Уште сум млад, па дури и малечок и сакам уште малку да си поиграм (џамлии, фанта, фудбал, дрога, техно) со моите врсници“.
Хронос најнапред многу се исплашил кога чул дека Зевс му е син. Но, набргу се созел и му одговорил:
„Добро, сине мој! Така било пишано и не можам да ја избегнам својата судбина. Јас постапив, исто така, лошо со мојот татко и сега мене ми е ред да настрадам од својот син. Така се случува на овој свет“. (Ама ништо не минало лесно. Пукнала војна, зашто Хронос не се откажал доброволно од власта. Победил посилниот Зевс, склучен е мир, а победените ги врзале со дебели синџири и ги затвориле во Долниот свет. По таа војна луѓето почнале да се жалат на својот живот.) Што се случило:
„Некои сакале да се богати и сами да ги присвојуваат сите богатства на светот. Други сакале да бидат кралеви, а останатите да им се покоруваат. А, трети, кои биле силни, сакале да ги направат робови оние што биле слаби. Некои ги сечеле овошните дрвја (овде диво се сечат сите, а никој не е фатен), за да не можат другите да јадат од плодовите. Други, поради задоволство, ги гонеле плашливите животни што порано им биле пријатели. Некои дури ги убивале тие несреќни суштества за да го јадат нивното месо. И, на крај, сите си станале врагови меѓу себе.
Така, место мир, во светот имало војни. Место изобилство, имало глад. Невиноста и добрината исчезнале и се појавиле нечесноста и злобата. Место да бидат среќни, луѓето станале за никаде и несреќни. На тој начин Зевс станал семожен и тогаш настапил крајот на златната епоха“.
Епилог: Многумина во оваа приказна можеби ќе препознаат некои современи случки. Мое е да кажам дека за се' што евентуално може да личи на настан или на личност од сегашноста е виновен само Зевс: неговата алчност за власт и владеење над оние што живееле под Олимп. Ние денес си живееме под други „зевсови“ и под други „олимпи“ (во секој случај „под“) и натаму во илузија дека тоа се наши откритија, а не божји. Должен сум да кажам дека оваа и други приказни можете да ги прочитате во книгата „Богови и легенди“. За денешниве читајте „Викиликс“.
(Авторот е новинар) |