Вардар про декласиран во Автокоманда
Во првиот меѓусебен дуел сезонава Металург славеше со 28:20
Миодраг Мицковиќ
Многу полесно отколку што се очекуваше ракометарите на Металург, актуелните шампиони на Македонија во првиот од четирите меѓусебни меча, кои ќе решаваат за титулата, го поразија, поточно го декласираа својот најголем конкурент Вардар Про дури со осум голови разлика. Победата можеше да биде поубедлива доколку во финишот металурзите, задоволни од високото водство кое во некои моменти изнесуваше и десет голови разлика (24:14; 25:15) не застанаа и повеќе не игра така агресивно како на почетокот и во средината на второто полувреме кога се „кршеше“ резултатот.
Мечот во преполната сала во Автокоманда покажа дека во моментот Металург е многу подобар тим, кој знае да ја користи секоја грешка на противникот, чии играчи имаа и поголема желба за победа и на крајот заслужено се радуваа.
Од друга страна, ракометарите на Вар��ар про кои во новата сезона се засилени со неколку играчи од Србија и Црна Гора, со Чехот Разничек, само во првите минути одржуваа некаква си рамнотежа, но некако играа многу нервозно за што придонесе и нивната клупа бидејќи тренерот Савевски повеќе се расправаше со луѓето од записничката маса, со претставниците на Металург што јасно се одрази и на играта на неговиот тим и беше, таков впечаток се доби, тотално деконцентриран поради тие свои постапки и нервозата што ја внесе на клупата. Освен тоа Вардарците се' уште не делуваат компактно, ќе биде потребно време овој состав да се усогласи, има добри поединци но потребни им се посилни натпревари отколку што го имаат во Супер лигата каде освен Металург и тие немаат сериозен противник.
За разлика од Вардар Про, Металург полека влегува во ритам, имаше повеќе тешки средби, на квалификациониот турнир за Лигата на шампионите во Порто, потоа двата меча со БГК Мешков во Купот на ЕХФ и тоа беше голема предност. Металург има и повеќе квалитетни играчи на располагање, тренерот Лино Червар има посилна клупа, на мечот со Вардар Про не играа ниту Миљак ниту Филип Лазаров, кај Вардар единствено блескаше голманот Борко Ристевски со своите 14 одбрани, но тој самиот не можеше да го сопре поразот на својата нова екипа.
Треба да одбележиме дека мечот траеше доста долго, имаше многу прекини поради расправии на записничката маса, поради бришење на паркетот од влагата што се направи во преполната сала во Автокоманда, но без оглед на некои протести на ракометарите на Вардар судиската двојка Николовски и Колевски добро ја извршија задачата.
- Ние ја добивме првата меч топка во бита за титулата, но се' уште е рано да се радуваме, бидејќи не' очекуваат уште три тешки средби. Задоволен сум од нашата игра, заслужено победивме. Мислам дека ќе можеме да играме уште подобро. Не' очекуваат сега две тешки средби со францускиот тим Иври и сега сите наши мисли ќе бидат насочени кон нив, беа зборовите на Наумче Мојсоски.
Им честитам на моите поранешни играчи на победата, беа подобри и заслужено победија. Ние не игравме како што се договоривме пред мечот. Мислам дека судењето можеше да биде подобро, беа зборовите на голманот Борко Ристовски.
Металург - Вардар про 28:20
Полувреме: 12:9. Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Николовски и Колевски. Седмерци: Металург 5/6, Вардар про 5/5. Исклучувања: Металург 12 мин., Вардар про 10 мин.
Металург: Ангелов, Митревски, Ракчевиќ 4, В. Маркоски, Левов 4, Георгиевски 2, М. Стоилов, Алушовски 3, Димовски, Ќурувија 5, Миркуловски 1,Шмигиќ, Н. Мојсоски 7, З. Мојсовски 1. Тренер: Лино Червар.
Вардар про: Ристовски, Даскаловски, Грбовиќ, Пејовиќ 1, Продановиќ 1, Симовиќ 1, Араповиќ 3, Н. Маркоски 2, Јокиќ 6, Надовеза 2, Пецаковски 2, Кукоски. Тренер: Љубомир Савевски. |