Гамбит Асеко засилен со Кизов во Пловдив
Селекторот во оставка ќе игра место Илиќ на Европски клупски куп
Роберт Димитриевски
Интернационалниот мајстор Атанас Кизов (рејтинг 2389), кој вчера поднесе оставка по четири години на кормилото на машката шаховска репрезентација на Македонија, го засили Гамбит Асеко за 26. Европски клупски куп што ќе се одржи од 17 до 23 октомври во Пловдив. Членот на селекцијата што го постигна најголемиот успех на македонскиот шах со делбата на седмото место на Олимпијадата 2000 во Истанбул ќе игра на петтата табла на единствениот македонски претставник годинава во ЕКК.
„Гамбит Асеко е единствен шаховски клуб во Македонија со перспектива и во него сите ми се пријатели“, го објаснува преминот во поранешниот македонски првак капитенот на нашиот национален тим на европските првенства на Крит 2007 и во Нови Сад 2009, како и на олимпијадите во Дрезден 2008 и во Ханти Мансијск неодамна.
Од составот што ќе го предводи шампионот на Бугарија, велемајсторот Борис Чаталбашев (2606), отпадна ФИДЕ-мајсторот Љубомир Илиќ (2222). На втората табла ќе игра ИМ Марјан Митков (2392), на третата ИМ Орце Данчевски (2402), на четвртата ФМ Зоран Стојчевски (2355) и на шестата ФМ Оливер Органџиев (2321), а резерва е ФМ Љубиша Андоновски (2295). Просечниот рејтинг на екипата е 2411 поени, со кои Гамбит Асеко е 25. на стартната табела и, ако остане така, на стартот в недела треба да игра со првиот фаворит за евротитулата Сокар од Азербејџан (2737).
„Ќе бидеме задоволни со пласман пет места над нашиот рејтинг. Се' над тоа ќе биде пријатно изненадување и убав успех“, вели Данчевски, кој е и претседател на клубот што минатата година во Охрид го освои 28. место.
„Првите десет екипи според рејтингот се суперсилни. Со другите можеме да се носиме“, смета капитенот Митков.
Шаховскиот пандан на фудбалската Лига на шампионите по подолго време ќе биде без Алкалоид, кој реши да паузира годинава, откако во последните неколку години со многу силен состав не успеваше да го досегне очекуваниот и посакуван пласман меѓу петте најдобри екипи на стариот континент. |