Читатели ќе промовираат нов роман во „Матица“
Денеска напладне, во Клубот „Матица“, ќе биде промовиран романот „Трчај дома“ од канадската писателка Лори Лансенс. Во „Матица“ постојано воведуваат интересни новини за своите членови, така што и овој пат романот пред присутните ќе ја претстават читатели, кои ексклузивно ја добиле работната верзија на книгата пред нејзиното официјално објавување. Тие ќе ги пренесат своите мислења и доживувања од приказната на познатата канадска писателка и сценаристка. Со „Трчај дома“, Лансенс на широка врата влезе во книжевниот свет на западната култура и стана една од најпродаваните писателки во Канада. Таа беше прогласена и за автор на годината во 2003 година, а списанијата за литература и книжевните критичари во САД дадоа позитивни критики за овој роман и ја сместија на листата на најдобри дебитантски остварувања. (Н.П.) |