„Златна лира“ се отвора со концерт на дуото Гелебешеви
Со концертот на пијано-дуото Катерина Гелебешева-Костадиновска и Глигор Гелебешев, кој ќе се одржи вечерва во Музејот на град Скопје во 20 часот, свечено ќе биде отворен вториот фестивал на камерно-солистичка музика „Златна лира“ кој ќе трае до 8 декември. На вечерашниот концерт, дуото Гелебешеви, кое на македонската сцена и надвор од земјата делува скоро седум години, ќе изведе дела од Григ, Шабрие, Рахмњинов и Темков. Пијано-дуото, покрај концертната дејност, досега реализира и трајни записи во Македонското радио и Македонската телевизија, а годинава излезе и нивното прво ЦД со музика на Дебиси, Хачатуријан, Шопен, Барток и Шабрие.
Во рамките на фестивалот „Златна лира“, кој го организира Сојузот на музичките уметници на Македонија, ќе настапат и Триото „Интерарт“, „Скопскиот дувачки квинтет“, кој концертно ќе одбележи 30 години уметничка дејност, потоа пијанистот Никола Паскалов, хрватскиот виолинист Иво Дропулиќ, пијанистот Тодор Светиев и виолинистот Михајло Куфојанакис. (Т.И.) |